Кога вашето дете е пораснато? Дали тоа се случува преку ноќ? Што го мачи во тој момент? Одговорот лежи во прашањето, ама под „В".
Големо или не, вашето дете е дете, пред сè ваше дете. И, како такво, сè уште работи под оперативниот систем кој вие (главно!) сте го инсталирале. Со подоцнежните апгрејди тоа дете станува човек, ама основниот систем Вие го поставувате. Дали ќе биде јузер френдли или со многу керефеки, или па нешто трето - одлучувате вие, и тоа уште пред да се роди. Тоа ви е таа кармички вметната матрица која после вашиот (успешен?!) апгрејд продолжува понатаму. Чиста Ноетика.
Епа , што сте инсталирале тоа и ќе ви порасне. Матрицата расте и се шири и тука лежи проблемот. Некои апгрејди не работат на стариот (читај канта) систем. Точка. Ви остануе да читате јузер менуали и евентуално, со спиритуални и спортски техники да направите флеш на ромот па да може да примите и вие по некое модерно програмче. Сето тоа во пустата потрага за системот што добива.
Систем. Од сумерските глинени таблички до модерните филозофи, сите зборуваат за некаков систем. А во тој систем, како родител, вие сте на врвот на кулата Вавилонска. За вашето чедо, големо или не, Вие сте силни и посветени како Супермен, иновативни и богати како Стив Џобс и смирени и полни со мудрост како Далај Лама. Склони сме на тоа да заборавиме низ текот на растењето, но сè се враќа со еден муабет:
Боранијата: Ти си најлошиот родител на светот!
Јас: Чекај. Стоп. Полека. Супермен и Грин Лантерн овде.
Боранијата: Не ми се вади као увек.
Јас: ???!?!??!!!
Епа не е веќе Супермен и Грин Лантерн, или пак е? Е! Но, разликата е во тоа што освестениот тинејџер му го нашол копчето за паника на суперхеројот. Нека не ве секира тоа. Нека ве секира што ги секира нив, што ги прави несреќни, па колку и банално да звучи тоа. И вие сте биле такви. Во осумдести и девеести ехееј. Тогаш главен беше Хи Мен ама кај и да е ќе го направат и него во 3Д, па некоја нова генерација ќе се колне пак во него. Ама во тоа лежи и клучот на матрицата во кој и суперхероите се рециклираат, ама и им се додава и по нешто. Во нивните очи вие сте нивниот суперхерој, не таму некој ретро господар на Универзумот.
Колку и да растат, секогаш ќе им биде потребна понекоја од вашите супер моќи. Затоа нека не ве болат таквите сопки, како да сте заборавиле колку се секиравте кога за прв пат скрши аркада па мораа да го шијат. Подобро да ве наречат „најлошиот" од тоа да не ви зборуваат ништо. Затоа што баш во тие, чудните години, на нив сепак сте им и главниот советник и човекот со кого може да комуницираат (скоро) сè. И пример сте и понатаму. Соочете се со тоа, имате пред себе полувозрасна личност со „посебни" потреби. Не е веќе дете - ама е. Како вас ви паѓа тоа, не е ни битно. Вашиот пубертет пројде и вие сте си криви ако не сте си го прележале. Во нивниот не би ни требало да се мешате освен со мониторинг, совети и сендвичи.(И да бидете достапен твенти фор севен и да ги знаете сите последни марки на мобилни телефони и да имате бензин во секое време.) Сендвичите се полесната работа ама за советите потрудете се да не ви звучат како што ви звучеле оние од вашите родители. Прво, искажете ги во речник кој тие како тинејџери ќе можат да го разберат како близок, и второ: советите нека се кратки (Пази ма!), бидејќи тинејџерското време е релативно и кратко.
Мониторингот е исто толку важен за правилниот развој на вашиот тинејџер. И повеќе од сендвичите. Колку и да не го сакам Големиот Брат, сепак одлично е децата да може да си ги најдам по Џи Пи Ес. Е, тоа е една од предностите на модерниот свет. Но добро, ќе знаете кај се, ама потрудете се и да знаете што прават. Без мањачење, доволно е фино да ги прашате па за скоро сè и ќе ви раскажат. Скоро сè, и помирете се со тоа, имаат и тие свои тајни пред вас.
Ви растат на очи како печурки после кумулонимбус и тоа се вика Мајка Природа. Но, и печурките се кревки суштества, бараат посебна и контролирана средина.
Врти го сучи го, тамам сте помислиле дека еве: порасна, ќе ме олабави, ќе ми се скине с ..., кога оно да ти испаѓало како повторно да имате мало дете дома.
Е тоа е реалноста, само што детето има повеќе сантиметри и поинакви филозофски ставови. Каде сте вие во тоа, колку вие сте пораснале и колку знаете да се носите со проблемите на 3Д генерацијата од 2Д перспектива, зависи од вас самите. Некогаш е доволно само да ги ставите нивните 3Д очила на очи.