После Роберто Кавали, Версаче, Стела Мекартни, Џими Чу, Ланвен, Дејвид Бекам и многу други и италијанската куќа Марни соработува со шведкиот колос H&M креирајќи линија достапна за широката народна маса. Понудата на Марни е ексцентрична, софицистирана, необична: широки фустани во храбри бои, етнички фантазии, геометриски форми, огромни туфни и трибални мотиви зачинети со екстравагантни штикли и макси накит изработен од стакло и пластика.
Главната стилистка, Консуело Кастиљони, често во интервјуата изјавува дека модата и уметноста се силно поврзани зашто двете се израз на времето во кое се создадени. Иако јас не се идентификувам во Марни, сепак, несомнено е дека оваа мода е во чекор со своето време. Пулсира во ритам на светилките на големите градови, храбро ги краси телата со овер парчиња во милион бои и доволно е агресивна за да може да облече жена која знае да поврзе радост со елеганција.
Цените не се толку H&M-ски. Ама не се ни марниевски.
Kaстиљони тврди дека со оваа соработка ги запазуваат критериумите за квалитет на Марни кој е познат по безобразно мешање на материјали: свила со лен, кожни додатоци и лакирани детали. Па ако е така, тогаш ставрно или сакаат да ни ги помешаат идеите или да ни ја потценат интелигенцијата.
Прво, не верувам дека овој потег на големите maisons е дел од маркетинг стратегија за зголемување на пазарот. Колку од тие што ќе го запознаат Марни или Џими Чу преку H&M во иднина ке отидат во еден луксузен бутик за да си поткупат нешто?
Второ, не верувам дека зад ова има морално-социјални причини: многу му е галје на Версаче да се продаде по демократски цени.
Сфаќам мода по ниски цени: Зара, Манго, Мотиви. Ок. Ама луксуз по демократски цени, тоа некако не можам да го укапирам. Нема вкус, како што викаат италијаните, ни на риба ни на месо. А денес демократијата ни ја продаваат насекаде, западот е болен од демократија. И модата не е исклучок. Иако според мене оваа соработка, како и претходните е лажи-народ, сепак секогаш оставам простор да сменам мислење.
Деновиве во мојот град пука сонце, се чувствува мирис на топол ветар и илјадници веспи фрчат од сите страни. Одлуката е донесена, излегувам: дестинација виа Индипенденца.
Влагам во H&M. Во вакви продавници одам ригорозно насабајле кога е сè наместено, музиката сеуште не е прегласна за моиве уши и пред се, помали се шансите да ми го украдат новчаникот. Си ја потзатворам ташната, за секој случај. Лутам навака натака во потрага по изложбениот дел на Марни. Не наоѓам никакви индикации, ништо невообичаено . Гледам една девојка со беџ и ја прашувам каде можам да ги најдам алиштата на Марни. Ми се смее од типот касно-ти-текна и ми одговара: "Жал ми е, Марни веќе се распродаде. Останаа само неколку лакрани јакни" ( по гламурозна цена од 199 евра кои не би ги облекла ни за на карневал).
Фала, пријатно.
Се сеќавам пред две-три години кога линијата "Ланвен за H&M" беше најавена, многу луѓе чекаа цела ноќ за да влезат први после отварањето. Право лудило. Во 2 попладне немаше останато ни едно единствено ланче. Жед за бренд. Истото се случи и со Џими Чу. И полседниов пат од Милано до Бари, на осми март, цела Италија беше на нозе. Сите паркирани со саати пред H&M, сите жедни за име.
Без сомнеж економската криза од изминативе години направи големо "модно чистење". Или луксуз или low cost. Овие соработки на H&M ни дојдоа како кец на десетка: луксуз по low cost цени, ете како ни го помешаа паметот.
Колку од нас можат да си дозволат фустан од Роберто Кавали, маица од Ланвен или јакна од Марни? А колку од нас би сакале?
Кога цената на фантазиите е поголема од банкарската сметка, H&M подарува сон. И сите брзаат да го купат. Стануваат рано насабајле, трпеливо се местат во колона и чекаат да им дојде редот да влезат. Им симињам капа на швеѓаните: после Икеа измислија Ејџ енд Ем и на сите им дозволија да сонуваат, да сонуваат куќа и да сонуваат мода. Фала им на швеѓаните што сеуште ни дозволуваат, во вакво невреме, да сонуваме.
Ако после празникот на жената се погодите во некоја европска метропола не брзајте за да стигнете во H&M. Таму веќе го нема Марни.
Емили
emabela@yahoo.com