За сето ова време на своето постоење црвчево си се клонирало, и иако вообичаено ова е сигурна стратегија за самоистребување, тоа изгледа крие некаква тајна.
„Научниците се обидуваат да сфатат како тоа некои животни можат да опстанат милиони години без секс, затоа што ваквата долгорочна апстиненција е многу ретка“, вели Дејвид Фич, биолог на Њујоршкиот универзитет. Повеќето растенија и животни, имено, го користат сексот за размножување. А ако не се размножат тогаш едноставно ги снемува.
Фич и неговите колеги во неодамнешна статија во списанието Current Biology известуваат дека овој навидум неимпресивен црв изгледа има развиено алтернативен начин на копирање на своите гени - таков кој води кон доволно мутации за црвите да можат да се адаптираат, но не и до премногу мутации, кои би можеле да предизвикаат несакани дефекти.
До сега за таков оптимален механизам кој ги одбегнува ефектите на лошите мутации се сметаше само сексот. Додуша машинеријата која копира ДНК знае да направи по некоја грешка секој пат кога клетката се дели (кај луѓето во просек се случуваат околу 0.6 грешки по клеточна делба). Но генералното мислење е дека ’лошите’ мутации се акумулираат и се концентрираат доколку не се одржува генетски диверзитет, а сексот помага во тој процес. Тој овозможува организмите да се мешаат и да спојуваат гени, што ги прави поотпорни, особено споредено со таквите организми кои се размножуваат асексуално.
Но сексот истовремено подразбира многу работа. Прво, треба да најдеш партнер. Трошиш време и ресурси натпреварувајќи се со други за да привлечеш внимание. А само половина од популацијата - женските - се способни за репродукција. Вака погледнато, механизмов е стварно неефикасен. И чудо е како опстанал.
Спротивно на ова, асексуалната популација е раат. Се што треба да прави е да се самокопира. Всушност таа би требало да има многу повисока стапка на репродукција, бидејќи секоја единка (не само женските) се способни за „раѓање“. Оттаму, чисто логички, асексуалната популација би требало да доминира врз сексуалната.
Но, како што знаеме, не е така. А главна причина е што асексуалноста е едноставно преретка за да може да издоминира. Спомнатиот црв е исклучок, па дури и тој некогаш бил сексуален, пред да крене пипци од сексот. Откако го испитале неговиот геном, истражувачите заклучиле дека пред околу 18 милиони години тој бил потипичен организам, со машки и женски претставници, кои си се пареле на вообичаен, сексуален начин. Но по некое време, никој не знае зошто, црвот си ги споил шесте пара хромозоми на неговите предци во еден пар огромни хромозоми. И тогаш го отфрлил сексот во корист на прецизното, поедноставено клонирање.