Луѓето не се единствените суштества чии ега растат и „се понашаат“ под дејство на алкохол. Неодамнешна студија на њујоршка лабораторија покажува дека и малите зебра-риби се јачаат со самодоверба и желба за лидерство кога се „фатени“. Но, исто како и кај луѓето, тоа си има граница.
Како воопшто да начукаш риба?
Едноставно, ќе ја пуштиш малку да плива во раствор со различни количини етанол и после 5 минути ја ставаш во свежа вода, да плива со трезните.
Резултатите покажуваат дека исто како и кај луѓето, на умерено запиените риби (со 0,25% и 0,50% алкохол) им се олабавуваат кочниците. Пливаат побрзо, помалку неодлучни се од другиве, не покажуваат страв или некакви безбедносни дилеми. А кога се во друштво со другите, пливаат уште побрзо. Овие трезниве тоа го толкуваат како јасен знак за лидерство па и тие пливаат побрзо, за да го стигнат храбриот водач. Пијаниот лево, трезните по него, тој десно, сите десно.
Но, тука некаде е и граница на неговиот хепиенд. На поголеми дози веќе е поинаку, пијаната риба плива побавно, збунета е па другиве ја баталуваат согласно мудроста: од пијаниот и будалата риба бега.
Сето ова во следново видео:
Зошто научниците воопшто решиле да опиваат риби? Затоа што тоа го прават со години, особено со овие зебра-риби кои имаат чудни сличности со човекот во поглед на развојот, однесувањето па и генетиката. Во 2011 година покажаа дека изложеноста на алкохол на ембрионите води кон нивни асоцијални однесувања подоцна во животот. А лани проверувале како пијани и трезни риби реагираат на риба робот. Трезните биле сомничави и го одбегнувале вештачкото другарче додека пијаниве веднаш го примиле во бандата.
Велат дека дури и во мамурлукот се слични на луѓето па утредента се „за никаде“. А од чорба, разбирливо, и онака им е преку глава.