Задолжителните маски биле бадијала

Две години откако уздуж и попреку се испокаравме околу маските, што понекогаш заличуваше на лов на вештерки или прогон на непријателски елементи, Њујорк Тајмс деновиве констатира дека задолжителноста на носењето маска статистички немала битно влијание врз брзината на зараза. ОК. И после ќе се чудат зошто на следната белја ќе има уште повеќе скептици.

Ковид случаите и хоспитализациите повторно се зголемуваат САД, а расте и бројот на смртни случаи. Луѓе почнуваат да реагираат што па сега да се стори и дали можеби не е време да се вратат стандардните мерки за заштита. 

Како што е задолжителното носење маски, на пример. Њујорчани, на пример, се гневни на градоначалникот Ерик Адамс што уште не донел таква уредба.

„Се чини дека критичарите погрешно ги читаат податоците од јавното здравје и последните научни сознанија. Доказите сугерираат дека мандатните маски не сториле многу за да се намали ковид оптоварувањето изминатите две години,“ пишува Дејвид Леонард во Њујорк Тајмс.

Во недостаток на јасно објаснување за ваквата ситуација, сега се вели дека околу маските постои парадокс: Самите маски функционираат, ама нивното задолжително носење не (?!). Авторот поштено потсетува дека тоа се коси со едно од основните логички правила утврдени уште од Аристотел, дека збирот не може да биде помал од елементите.

„Во американските градови во кои масовно се користеа маски ковидот се шири со слична брзина како и во оние градови со голем отпор кон маските. Задолжителноста на маските во училиштата, исто така, се чини дека направи малку за да се намали ширењето. Хонг Конг, и покрај речиси универзалното носење маски, неодамна доживеа еден од најлошите бранови на епидемијата во светот“, пишува Леонард.

Вели и дека науката сега нуди „разумен компромис“ (баш така формулирано, како кај Иванов кој беше руган и од шуто и од рогато за тој термин).

А разумниот компромис е „луѓето сами да одлучат дали ќе носат маски.“

Па нели бе тоа и беше кавгата ин д фрст плејс?

********

Види и:

До кога бе со маски надвор?

Летечкиот циркус на доктор Караџовски

 

3 јуни 2022 - 11:01