Пресудата на Врховниот суд од 25 јуни може да го спаси Баер - сегашниот сопственик на Монсанто, од групна тужба од 7,25 милијарди долари и од многу идни тужби. Монсанто и Баер со години тврдеа дека ако Агенцијата за заштита на животната средина на САД одобри етикета за хербициди без предупредување за рак, државите не можат да покренуваат тужби врз основа на тврдењето дека корисниците не биле предупредени за долгорочните ризици од користењето на производот.
Помеѓу 2009 и 2019 година, EPA постојано заклучуваше дека нема докази дека глифосатот кој го има во најпопуларниот хербицид Roundup предизвикува рак кај луѓето. Затоа е дозволено сите средствата против плевели со глифосат, вклучувајќи го и Roundup, да останат на пазарот без предупредување.
Етикетата за предупредување не е променета и покрај извештајот од 2015 година од Меѓународната агенција за истражување на ракот - филијала на Светската здравствена организација - кој го класифицираше глифосатот како „веројатно канцероген за луѓето“ врз основа на „ограничени“ докази за рак кај луѓе изложени во реалноста и „доволни“ докази за рак при експерименти со животни. Студија од 2025 година имаше слични наоди кај лабораториски стаорци.
Неколку американски тужби го искористија извештајот од 2015 година за да добијат судски случаи во кои се тврди дека Монсанто не ги предупредил за опасностите од хемикалијата. Една од првите, „Хардеман против Монсанто“, заврши со пресуда од 80 милиони американски долари против Монсанто во 2019 година. Поротата утврди дека Едвин Хардеман, земјоделец од Калифорнија кој го користел средството против трева на своите имоти, докажал дека Roundup му предизвикал рак и дека Монсанто не ги предупредил потрошувачите за опасностите.

Во годините потоа, Монсанто и Баер платија над 10 милијарди долари за да решат околу 100.000 барања од луѓе кои рекле дека нивното здравје е нарушено откако биле изложени на Roundup.
Врховниот суд сега потврди дека Федералниот закон за инсектициди, фунгициди и родентициди, донесен во 1947 година и значително изменет во 1972 година, им забранува на државите да наметнуваат каков било услов за етикетирање надвор од она што го одобрила федералната влада.
Случајот пред Врховниот суд почна во 2019 година, кога Џон Дурнел го тужеше Монсанто во државниот суд во Мисури, тврдејќи дека неговата редовна употреба на Roundup во текот на многу години предизвикала не-Хочкинов лимфом, вид на рак на крвта. Во 2023 година поротата на Мисури пресуди во корист на Дурнел и го задолжи Монсанто да му исплати 1,25 милиони долари отштета. Во февруари 2025 година, државниот апелационен суд ја потврди пресудата.
Врховниот суд се согласи да разгледа жалба во случајот и пресуди во полза на Монсанто со надгласување од 7-2. Во име на мнозинството, судијата Брет Кавано забележа дека федералниот закон конкретно ги спречува државите да бараат различни етикети од федералните.
Законот конкретно спречува „погрешно брендирање“ - вклучување на неточни информации на етикетите на производите. Информациите што се спротивни на заклучоците на EPA се по дефиниција неточни, наведува судијата Кавано.
*******
Види и: Баер со 7,25 милијарди замолкна илјадници луѓе со рак
Повлечена е лажната студија на Монсанто дека глифосатот е безбеден