Минаа речиси шест недели откако гувернерот на Тексас, Грег Абот, со извршна уредба ги укина сите репресивни мерки на државно ниво. Тоа значи дека веќе нема забрана за работа, нема наредба за останување дома, нема задолжителни маски и ограничувања на собирања. Епидемиолошките мерки во Тексас, од законски прописи беа претворени во здравствени совети, отприлика како во Шведска.
Сосема очекувано, таквата одлука на Абот беше дочекана со лавина критики и осуди во кои предничеа новинари, политичари и јавни, естрадни личности. Џо Бајден ја даде фамозната изјава дека е тоа „потег на неандерталци“, а гуруто на американската здравствена политика, Ентони Фаучи изјави дека потегот му е нејасен и не разбира зошто Тексас сака да се врати назад.
Што се случи? Ништо. Апсолутно ништо. Заразата не само што не експлодираше туку продолжи да паѓа поостро отколку претходно. Во моментот кога Абот ја објави својата одлука, Тексас имаше во просек по околу 7.000 нови случаи дневно. Сега е на неделен просек од 3.200 случаи дневно.
Минатата недела од Фаучи беше побарано објаснување како тоа нема ни траг од најавената тексашка погибија.
„Навистина не сум сосема сигурен зошто. Можеби затоа што тие се повеќе надвор,“ изјави тој предупредуваќи дека уште не е сè готово и дека експлозијата може да доцни.
Меѓу причините зошто во Тексас досега не се случува мрачното сценарио веројатно е и доброто ниво на вакцинираност. Досега над 33% од Тексашаните имаат примено две дози вакцина, иако Абот забрани ковид-пасоши во земјата.
Се разбира, сè уште може да се случи трет бран, но ако тој во Тексас не биде значително полош од оној во затворените држави како Њујорк и Калифорнија, повторно нема да може да се каже дека тој се должи на укинатите мерки.
Кој ќе го знае.