Вакцинираните се загрижени од тоа што научниците не го знаат

Додека станува јасно дека и вакцинираните се заразуваат од ковид, се уште не е јасно колку често е тоа, ниту колку е веројатно да го пренесат вирусот на други.

Иако е очигледно дека вакцинацијата обезбедува силна заштита против вирусот, уште поголемиот страв е дека вакцинираните може да се поранливи на сериозно заболување од ковид отколку што претходно се мислеше.

„Мора да бидеме скромни околу тоа што го знаеме и не го знаеме.

Има малку работи што можеме дефинитивно да ги кажеме. Една од тие е дека ова е тешко прашање за одговарање,“ изјавува поранешниот директор на американскиот ЦДЦ, Том Фрајден.

Немањето јасна порака околу јавното здравје (колку се ранливи вакцинираните, колку можат да пренесат болест) не дозволува да се донесе стручно издржана одлука околу отворањето на сè од ресторани до работни места.

Блумберг пишува дека наместо конкретни одговори, моментално има изобилие на студии „кои даваат различна слика за случаите на целосно вакцинирани луѓе што се заразиле“. Овие студии вклучуваат варијабли како дали бил присутен делта сојот во времето на заразување, колкав дел од популацијата бил вакциниран, па дури и какво било времето во тој момент.

„Сега е јасно дека имаме поголем број на заразени меѓу вакцинираните. Сите знаеме некој што бил вакциниран и се заразил, а сепак немаме некои посебно обемни клинички податоци,“ објаснува експертката за заразни болести од Универзитетот во Калифорнија, Моника Ганди.

Еден од примерите што го наведува Блумберг е од годинешниот 4-ти јули во Провинстаун, Масачусетс, кога илјадници вакцинирани и невакцинирани луѓе, се собираат по домашни забави за прослава на празникот. Околу три-четвртини од 469-те заразени од празникот се вакцинирани.

Токму овој инцидент го натера ЦДЦ да ја смени својата препорака, и повторно да им порача на вакцинираните дека треба да носат маска дури и на затворено.

Нова студија на ЦДЦ базирана на бројки од сојузната држава Њујорк, е дека бројот на заразени а вакцинирани константно е во пораст од мај годинава, и до средината на јули достигнал до 4%.

Сепак друга студија на истото ЦДЦ, само во Колорадо, покажува дека стапката на заразени вакцинирани во една област е поголема отколку во остатокот од сојузната држава, 7 наспроти 5 проценти. Нивното толкување на бројките е дека ова се должи на тоа што во таа област имало поголем број на заразени со делта варијанта, но и возраста на тамошните пациенти и помалата заразеност.

Зголемувањето на бројот на вакцинирани што закачиле ковид се припишува и на тоа што вакцината со тек на време губи на сила, па на одредени луѓе ќе им биде неопходна и трета доза за да задржат одредено ниво на заштита. Вториот сомнеж е дали вакцината губи сила против сите видови ковид или само не може да се справи со делта варијантата.

Тоа што до сега е сигурно и се знае е дека вакцинираните што ќе се заразат е многу помалку веројатно дека ќе завршат во болница, дека ќе им треба интубација или дека ќе умрат од вирусот.

„Големата слика е дека вакцините функционираат, а причината за пикот во САД е што имаме премногу мала стапка на вакцинирани,“ објаснува Фрајден.

Крајниот заклучок на Блумберг е дека „во моментов едноставно имаме повеќе прашања отколку одговори“.

„Дали заразите меѓу вакцинираните се должат на делта варијантата, имунитетот кој слабее или враќањето на нормален живот? Дали вакцинираните се поранливи на сериозно заболување од ковид отколку што претходно се мислеше? Колку се чести случаите на заразување кај вакцинираните? Само може да се нагаѓа,“ пишуваат Кристен Браун и Ребека Торенс, во текстот за Блумберг.

6 септември 2021 - 13:39