Британскиот регулатор за лекови издаде соопштение за предострожност во кое се вели дека луѓе кои имале анафилакса на храна и лекови не смеат да ја примат вакцината на Фајзер. Несакани реакции се појавиле кај две медицински лица, и двете од оние кои мораат со себе да носат авто-инјектори адреналин во случај да се соочат со анафилакса, бурна сериозна алергиска реакција која избувнува брзо и може да доведе до фатален исход.
Медицинската регулаторна агенција соопшти дека во третата фаза на клинички испитувања на вакцината, која опфаќала 44.000 учесници, од кои преку 42.000 два пати примиле вакцина, таа била добро толерирана и немало индиции за сериозна загриженост за безбедноста на вакцината.
Сепак, документите кои неделава беа објавени од Американската агенција за храна и лекови покажуваат потенцијално поголем ризик од алергиска реакција меѓу вакцинираната и плацебо групата; 0.63% во споредба со 0.51%.
Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија од Лондонската школа за тропска медицина вели дека зголемениот ризик е „мал“, но дека „постои голема несигурност околу проценката на ризикот.“ Професорот порачува дека „луѓето нема да можат да знаат дали се хиперсензитивни на некои елементи од вакцината.“
За атмосферата околу вакцината дополнително да стане комплицирана, Европската агенција за лекови призна дека хакери имале пристап до документите на Фајзер/БиоНТек поднесени како барање за добивање дозвола. Агенцијата вели дека во моментов не може да се утврди колкава штета е направена со овој сајбер напад.