Уставен суд на Хрватска: Мора да ги вакцинирате децата

Одлуката на хрватскиот суд се базира на аргументот дека правото на детето на здравје, е поголемо од правото на родителот на (погрешен) избор, пишува Вечерњи Лист.

Самостојната одлука на родителите дали ќе го вакцинираат детето не е нивно уставно право, туку е нивна обврска во согласност со законот и Уставот на земјата, заклучува тамошниот Уставен суд во одбивањето на предлогот за оценување на уставноста на задолжителната имунизација.

Во Хрватска целата галама околу задолжителното вакцинирање започна по неколку пријави за неговите штетни последици по здравјето на децата. Инспирацијата за случајот поднесителите ја најдоа во еден случај поднесен против државата Италија, по кој од италијанските училници беа отстранети крстовите бидејќи било заклучено дека тие го нарушуваат правото на родителите да ги одгледуваат децата според лично уверување.

По аналогија на ова и групата Хрвати сметаат дека дражавата им го нарушува истото право на родителите - да ги одгледуваат децата под сопствени уверувања, затоа што на невакцинираните деца не им дозволуваат да се запишат во градинка или училиште.

Во носењето на одлуката'Уставниот суд се консултирал и со Министерството за здравство, од каде добиваат одговор дека активната имунизација е најделотворна и најсигурна мерка за спречување на инфективни болести кои најчесто се јавуваат во детството. Што се однесува до компликациите од вакцинирањето, од Министерството објаснуваат дека "клинички пропратни појави се јавуваат многу ретко, а најчесто тие се локални во облик на црвенило или оток."

Во одлуката Уставниот суд го прифаќа ставот на Министерството за здравство дека "правотот на детето на здравје е поголемо од правото на родителите на (погрешен) избор."

26 март 2014 - 22:07