Спогодбата е резултат на долгогодишната владина истрага дека Детската болница од Тексас користела лажни кодови на интервенции за да оправда потврдување на пол кај малолетници. Гувернерот Грег Абот во 2023 година потпиша закон со кој им се забранува на трансродовите деца да примаат блокатори на пубертет и хормонски терапии.
Денес е монументален ден во борбата за запирање на радикалното трансродово движење. Ја поздравувам Детската болница во Тексас за промената на курсот и за посветеноста да биде дел од решението со тоа што се согласи да формира прва од ваков вид Клиника за детранзиција што ќе помогне да се обезбеди бесплатна грижа за оние кои биле жртви на изопачена, морално банкротирана трансродова идеологија, изјави Кен Пакстон, државниот обвинител на Тексас.
Од клиничка страна „детранзицијата“ може да значи прекинување на хормонскиот третман или процедури за враќање на состојбата пред операциите. Слично на транзицијата, тоа бара интензивни проценки на менталното здравје за да се искоренат други фактори што би можеле да создадат желба за прекин на транзицијата. Вообичаени причини за враќање на првичниот пол вклучуваат недостаток на семејна поддршка, финансиски бариери и социјален притисок.
Болницата во Хјустон, исто така, со спогодбата се обврзала да отпушти пет лекари осомничени за извршување „опасни медицински интервенции насочени кон транзиција на пациенти“. Болницата ќе плати 10 милиони долари отштета поради лажно книжење на забранетите интервенции и ќе издвои дополнителни средства за лекување на деца кои претрпеле последици од ваквите процедури.
Раководителите на болницата истакнаа дека „се придржувале до сите закони“, но се решиле да склучат спогодба со властите за да избегнат „бесконечни и скапи судски спорови“.
Државниот обвинител на САД, Тод Бланш, го поздрави договорот, истакнувајќи дека тој ќе ги штити ранливите деца.
Министерството за правда ќе ги употреби сите средства за да ја запре практиката на таканаречената родово-афирмативна грижа за децата, изјави Бланш.