
Па така тестот може да се случи да ги превиди малите но растечки количини од вирусот што може да ги има кај некој кој се уште нема развиено симптоми, и кој и понатаму крајно успешно може да го шири ковид-19 без да има поим за тоа.
Проблемот со лажните негативни резултати е клучен за справување со ковид-19 бидејќи луѓето кои немаат поим дека се болни играат главна улога во ширењето на ковид-19. Студија базирана на податоците од Кина покажува дека 44% од заразите потекнуваат од пред-симптоматски случаи.
Кинеското искуство покажува и дека изолирањето на луѓе откако ќе се потврди дека се болни не е доволно, бидејќи на тој начин се игнорираат пред-симптоматските заразувања, кои продолжуваат да го хранат ширењето на епидемијата.
Моменталната препорака од здравствените власти, базирана на начинот на кој функционира ковид-19, е луѓето да се тестираат 4 дена по контакт со заразен од вирусот. Она што не е најјасно е колку тестовите се успешни во детектирање на ковид-19 пред појавата на симптоми (која обично се случува меѓу 4-ти и 6-ти ден).
Една студија која се базира на бројките на седум други студии, покажува дека стапката на лажно-негативни резултати е 100% на првиот ден од заразувањето, за таа да падне на 38% на 5-от ден, и на минимумот од 20% на 8-от ден. Недостаток на оваа студија е што истражувачите во сите овие бројки откриле само еден пациент кој бил тестиран пред да покаже симптоми, плус не ги опфаќа лицата кои никогаш не развиваат симптоми. За сите овие бројки да се испеглаат неопходно ќе биде тестирање на големи бројки асимптоматски случаи.
Она што американската ФДА им го препорачува на Американците е дека негативните резултати на тестот не ја исклучуваат инфекцијата, и бара како дел од асимптоматските тестови да биде вклучена и изјавата „негативните резултати мора да се сфатат во контекст на скорешната изложеност на поединецот, историјатот, и присуството на клинички знаци и симптоми конзистентни со ковид-19.“
Текстот во Атлантик почнува со прашањето: Дали откако си бил излезен на пијачка со другарите, а потоа си се тестирал и си негативен, е безбедно да одиш да ги посетиш дедо ти и баба ти? Одговорот е: сериозно размисли дали е тоа неопходно, бидејќи ако работиш на место каде ризикуваш висока изложеност, тогаш и негативен тест не е најсигурен исход, ама ако живееш на некое оддалечено место, практикуваш социјално дистанцирање и носиш маска „тогаш негативен тест најверојатно е вистински негативен“.