
Администрацијата за храна и лекови и Центрите за контрола и превенција на болести уште во февруари 2021 година биле предупредени за значителeн ризик од миокардитис кај млади луѓе што ја примиле мРНК вакцината на Фајзер, но агенциите чекале до крајот на јуни да го објават тој несакан ефект на етикетите на вакцината, објави канцеларијата на сенаторот Рон Џонсон.
Администрацијата на Џо Бајден свесно реши да не објави официјално предупредување, со што го загрози здравјето на младите Американци, се вели во извештајот.
Во тој критичен период на лекарите што укажувале на ризикот од несаканите ефекти им биле блокирани профилите на социјалните мрежи или биле обвинувани за ширење дезинформации. Цензурата продолжила дури и до 2022 година.
Во опширниот извештај од 54 страници со низа наведени конкретни примери, сенаторот Џонсон тврди дека првите здравствени податоци за миокардитис кај млади вакцинирани лица почнале да пристигнуваат во почетокот на 2021 година. Американските власти почнале да ги разгледуваат дури на 28 февруари, кога израелското Министерство за здравство пријавило близу 40 случаи на миокардитис и други срцеви нарушувања кај млади луѓе што примиле вакцина на Фајзер. Во тој период во Израел имало многу повеќе вакцинирани луѓе отколку во САД.
Администрацијата за храна и лекови одговорила дека „поради несоодветни податоци тешко е да се процени причинско-последичната врска“. Кога во април врската ја потврдил изведувач ангажиран од Пентагон, веќе биле пријавени 158 случаи на миокардитис (воспаление на срцевиот мускул), перикардитис (воспаление на слузницата околу срцето) или миоперикардитис кај млади Американци.
Во мај на веб-страницата на Центрите за превенција и контрола на болести миокардитисот бил наведен како „редок“ несакан ефект. Било препорачано да продолжи имунизацијата со мРНК вакцини на Фајзер и Модерна на лицата на возраст над 12 години. До тој момент, бројот на вакцинирани лица со миокардитис се искачил на 752 случаи. ФДА ги ажурирала етикетите на вакцините дури на 25 јуни.
Мора целосно да биде изложен неуспехот на администрацијата на Бајден веднаш да ја предупреди јавноста за сите негативни настани од вакцината. Американците со своите тешко заработени даночни долари ги финансираат федералните здравствени агенции. Информациите од овие агенции му припаѓаат на американскиот народ, заклучува сенаторот Џонсон