Психоделични Американски Држави

Администрацијата во Вашингтон е на прагот да ја прифати иницијативата за одобрување на забранетите супстанции како ЛСД и екстази за третман на депресија, траума и други тешки состојби. Министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди најави одобрување за 12 месеци. Тексас одобри проект за проучување на моќниот психоделичен ибогаин како третман за зависност од опиоиди.

Линијата психоделични терапевтски средства има огромна предност ако се дава во клинички услови и ние работиме многу напорно за да се осигураме дека тоа ќе се случи во рок од 12 месеци, изјави неодамна пред членови на Конгресот министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор.

Прифаќањето на психоделиците од страна на администрацијата предизвика возбуда, но и загриженост кај експертите. Тие предупредуваат лековите да не се поврзуваат претерано тесно со Кенеди, кој е познат по контроверзните ставови за вакцините, антидепресивите и флуорот. Како претседателски кандидат, Кенеди раскажуваше дека неговиот син и неколку блиски пријатели имале корист од употребата на психоделици за справување со психички проблеми.

Јас сум оптимист. Но, исто така сум загрижен дека пораката што јавноста може да ја добие е „РФК ги сака психоделиците и сега ги одобри“, вели Рик Доблин, чија организација ја истражува медицинската употреба на MDMA (екстази) уште од 1980-тите.

Во мандатот на Џо Бајден Администрацијата за храна и лекови го отфрли МДМА како третман за посттрауматско стресно растројство, наведувајќи „сомнителни истражувања со неточни податоци“. Регулаторите побараа нова студија, која веројатно ќе трае неколку години. Шефот на ФДА, Марти Макари, сега ја поставува за приоритет евалуацијата на МДМА и другите психоделични лекови, најавувајќи забрзано одобрување од половина година, па и само еден месец.

Додека Орегон и Колорадо веќе легализираа психоделична терапија, Тексас одобри 50 милиони долари за проучување на ибогаин - моќна психоделична состојка од грмушки во Западна Африка, како третман за зависност од опиоиди, ПТСН и други состојби. 

Ибогаинот е на ултра-рестриктивниот список на нелегални дроги на владата на САД, кој вклучува и хероин. Ибогаинот е уникатен меѓу психоделиците и по своите придобивки и ризици. Мали студии и сугерираат дека може драматично да ублажи зависност и траума. Се продавал за медицинска употреба во Франција неколку децении почнувајќи од 1930-тите, но знае да предизвика и опасна аритмија, што може да биде фатално ако не се лекува.

Пред три децении Националниот институт за злоупотреба на дроги во САД финансирал прелиминарни студии за негово користење како третман за зависност. Истражувањето било прекинато откако била идентификувана „кардиоваскуларна токсичност“.

Ветерани што го примале велат дека ризиците може да се контролираат и дека лековитите својства на ибогаинот одат многу подалеку од антидепресивите, стабилизаторите на расположението, советувањата и другите стандардни третмани.

******
Види и: Мечка страв, псилоцибин не страв

18 јули 2025 - 08:17