Прва вакцина создадена од вештачка интелигенција

Истражувачи од Кембриџ ја претставија првата вакцина целосно дизајнирана од вештачка интелигенција, за заштита од сите видови коронавируси, вклучувајќи ги варијантите на ковид. Тестирана е на луѓе и покажала скромни ефекти, но без несакани појави. Тимот веќе користи ВИ за развој на универзална вакцина за сезонски грип, за птичји грип и за ебола.

Истражувачите ја „нахраниле“ алатката со ВИ со сите познати генетски кодови од разни типови коронавируси. По анализата, алатката дизајнирала супер-антиген“ кој може да го подготви имунолошкиот систем да обезбеди заштита од целото семејство на вируси - дури и ако тие во меѓувреме мутирале, или ако инфекцијата се префрлила од животни на луѓе.

Во периодот од декември 2021 до септември 2023 година биле вакцинирани 39 доброволци, за да се процени дали ваквите вакцини се безбедни. Четирите дози не покажале значителни несакани ефекти.

Друго тестирање, во кое учествувале 200 лица, треба да даде одговор колку ефикасно вакцините го подготвуваат имунолошкиот систем за одбрана. Првичните наодите покажуваат скромно, но мерливо дејство на вакцината. 

Дизајнот со вештачка интелигенција дефинитивно има потенцијал. Она во што новата технологија е многу подобра е дизајнирањето вакцини за потенцијални пандемии кога вирусите се менуваат, оцени професорот Саул Фауст од Универзитетот во Саутемптон.

Мутирањето е најопасното оружје на вирусите, со кое ја пробиваат и природната и вештачката заштита на организмот. Вакцините што се ефикасни во една сезона не нудат целосна заштита во следната. Поради ова секоја година се менува формулата на вакцината против грип, врз основа на изолираниот генетски код од претходната сезона. Слично е и со вакцините против варијантите на ковид.

Секогаш заостануваме. Се обидуваме да бидеме чекор понапред. Така може да се заштитиме од нови епидемии или пандемии, вели професорот Џонатан Хини од Универзитетот во Кембриџ.

Тој објаснува дека алатките со вештачка интелигенција веќе се толку напреднати што може да помогнат да се откријат и закани од епидемии или болести во иднина. 

Тимот од Кембриџ веќе почнал истражувања врз животни за универзални сезонски вакцини против грип кои нема да треба да се адаптираат секоја година и вакцина против птичји грип H5N1, во случај вирусот што моментално ги уништува популациите на птици да стане човечка пандемија.

Во рана фаза е и развој на вакцина за вирусни хеморагични трески, вклучувајќи и разни видови на ебола. Актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго е предизвикана од вид за кој сè уште нема развиена вакцина.

5 јуни 2026 - 10:39