„Спрејовите за заштита од сонце го земаат сето она што е добро кај заштитата од сонце и го уништуваат. Кремите, маслата, лосионите за сончање ти даваат барем мала контрола и безбедност над хаотичниот свет; спрејот само внесува повеќе хаос,“ пишува Роуз Пасторе во Гизмодо.
Како аргументи за својата критика на спрејот, Пасторе тврди дека начинот на кој просечниот корисник го употребува не е корисен, наведувајќи ги упатствата од Американската академија за дерматологија, според кои единствен начин за правилно покривање на кожата при користење спреј е тој да се прска се додека кожата не изгледа многу мокра, а потоа да се истрие со рака. Притоа не смееш никогаш да прскаш од спрејот во лице или во глава, туку тој треба да се испрска на дланките па потоа да се нанесе на лицето.
„Како, што било од ова е полагодно отколку едноставно стискање на кремата / млекото за сончање на раце и негово размачкување? Како и да тргнеш рацете пак ќе ти бидат лепливи,“ објаснува Пасторе.
Дополнителен аргумент е што кога прскаш половина од спрејот ти го носи ветрот „и знаеш дека е така.“ Згора на се, спрејот за сончање е запалив, а треба и на летно сонце со часови да седи во сад под притисок. Ниту една од другите форми на заштита од сонце не е ни приближно запалива.
Сите забелешки што човек може да ги има околу регуларна крема / млеко за сончање (масно е, прави флеки, чудно мириса...) во целост важат и за спрејот.
Веројатно најсериозната забелешка околу спрејовите за сончање е нивната безбедност, или како што објаснува Пасторе додека секоја хемикалија што е содржана во кремите е детално испитана и дозволена за мачкање на кожата, хемикалиите што се користат во спрејовите, не се ни приближно истражувани. Пример, американски Консјумер репорт, кој секоја година ги тестира маслата за сончање, препорачува спрејот да не се користи на деца заради ризик од вдишување. Американската академија за дерматологија има слично предупредување околу вдишувањето на спрејот за сончање за сите возрасти.
Иако луѓето сите видови за заштита од сонце ги користат погрешно (не ставаат доволно, не го размачкуваат правилно и не го надополнуваат доволно често), спрејот е водечки најпогрешно употребуваното средство. Пасторе разговара со дерматологот од Калифорнија, Ајви Ли, според која само никаква заштита е полоша од спрејот.
Препораката на Ли е да се користат креми што се базирани на минерали, кои содржат цинк-оксид и/или титаниум-диоксид кој ги спречува УВ зраците да предизвикаат штета на кожата. Не ги препорачува кремите за сончање базирани на хемикалии, кои во САД содржат avobenzone, homosalate, octisalate, octocrylene и oxybenzone. Друг плус што таа го наведува за минералните креми е што не доаѓаат во спрејови.