Еден куп болештини и проблеми - од дијабетес до кардио заболувања, од Алцхајмер до пореметување на вниманието - се поврзани со промени во гените во мозокот. Нова студија од УКЛА вели дека стотици такви гени можат да бидат оштетени од фруктозата, омилениот заменски шеќер во западните диети.
Истражувачите на Универзитетот сепак нашле и нешто добро. Омега 3 масни киселини како што е DHA (docosahexaenoic acid) ги поправаат ваквите оштетувања. DHA природно го поседуваат мозочните ќелии во нивните мембрани, но го немаат во неограничени количини па треба да се помага со исхрана - ореви, ленено семе, див но не и товен лосос, зеленчук, овошје.
Модерниот човек фруктозата најмногу ја конзумира преку производи засладени со сируп од пченкарен скроб. Американец во просек годишно голта безмалку 15 литри ваков сируп.
Се разбира, фруктозата ја има доста и во овошјето но неговите влакна ја забавуваат апсорпцијата па овошјето и натаму се смета за здрава и безбедна храна, првенствено во неговата природна амбалажа.