Австрискиот премиер во понеделникот објави дека планира да работи со Израел и Данска на идно производство на вакцини, како и да соработува на развивање на нови вакцини за мутациите на коронавирусот. Курц во четврток оди во посета на Израел заедно со данската лидерка Мете Фредериксен.
Курц и до сега остро ја критикуваше стратегијата за вакцинирање на ЕУ и работењето на европската агенција за лекови ЕМА. ЕУ ја одобри вакцината на Бионтек/Фајзер дур кон крајот на декември, неколку недели откако таа беше одобрена од САД и Британија.
Брисел реши дека хаосот со вакцините е моментот кога треба да се покаже обединетоста на Унијата, и се одлучи да оди со централизиран пристап кон набавката и дистрибуцијата на вакцини меѓутоа планот беше сериозно нарушен од немање залиха и начинот на дистрибуција. До сега само 5,5% од 447-милионската популација на ЕУ ја доби првата доза од вакцината.
ЕМА за сега официјално има одобрено три вакцини Бионтек/Фајзер, Оксфорд/АстраЗенека и Модерна.
„Европската агенција за лекови е премногу бавна во однос на давање одобренија на фармацевтските компании. Затоа ние мора да се подготвиме за понатамошните мутации и повеќе не треба да бидеме зависни од ЕУ кога е во прашање производство на вакцини од втората генерација,“ изјавил Курц.
Разочарани од тоа што се случува со набавката и снабдувањето на вакцини, во понеделникот Словачка даде вонредно одобрение за набавка на руската Спутник V вакцина, откако Фајзер и АстраЗенека не ги испорачаа договорените дози.
И Хрватска пред некој ден најави дека се подготвува да нарача руски и кинески вакцини, а претседателот на Чешка изјави дека земјата би почнала да вакцинира со Спутник V доколку домашниот регулатор го одбори тоа.