Милиони луѓе останаа без мирис и вкус после ковид

Ако сте прележале ковид одамна а чувството за мирис и вкус сè уште ви се нема вратено, бар да знаете дека не сте сами. Истата мака ја имаат речиси 30 милиони луѓе во светот. И никој не знае до кога ќе биде така и дали воопшто ќе помине.

Околу 5% од потврдените случаи на ковид се соочуваат со долготрајна загуба на осетите за мирис и вкус, покажува студија објавена во Британскиот медицински журнал.

На глобално ниво тоа се околу 27 милиони луѓе.

Студијата синтетизирала заклучоци од 18 истражувања на оваа тема спроведени на сите континенти, на различни демографски групи во кои биле вклучени 3.700 пациенти.

Сумарно, на три четвртини од прележаните кои заради ковидот изгубиле мирис и вкус, сетилата им се враќаат во нормала во рок од 30 дена. До третиот месец, целосно опремени со сетила се 74% од луѓето а после тоа бројот на опоравени оди до 90%. Но, постојат тие 5 проценти кои не мирисаат ништо и после 6 месеци.

Уште на почетокот на пандемијата беше забележан уште еден интересен феномен, дека постојат случаи кога сетилата се враќаат, ама „раштимани“, за што пишувавме лани.

Ваквата ситуација не е посебно загрижувачка, освен во помислата дека светов е полн со луѓе на кои ништо не им смрди.

 

26 август 2022 - 11:17