
Заморот од вакцинирање и поширок пад на стапките на имунизација се забележуваат во глобални рамки, особено во Европа и во САД. Тоа е последица на низа фактори. По пандемијата, луѓето чувствуваат дека биле контролирани и принудени да примат вакцини, забележува професорката Хајди Ларсон, професорка по антропологија на лондонското Школо за хигиена и тропска медицина.
Во Англија е впечатливо висок процентот на медицински лица што лани одбиле да примат вакцина против сезонски грип. Тоа се смета за ризик за јавното здравје, бидејќи не се заштитени лица што се во директен контакт со заразени пациенти.
Од вкупно 18.750 лица вработени во шест болници на Barts Health Trust во Лондон, вакцина против грип во минатата сезона примиле само 2.416, односно помалку од 13%. Бројките се нешто повисоки на ниво на Англија, но 37,5% е најниската стапка на вакцинирање во изминатите 15 години. По пандемијата на ковид, стапката на вакцинирање против грип се намалува четири години по ред, лани дури за 5,3%. Најчесто се вакцинирале матичните лекари (52%) но и тие за 10% помалку од претходната година.
Многу луѓе беа малтретирани за да ја примат првата доза против ковид. Кампањата беше многу успешна, но создаде чувство на контрола и многумина од лицата опфатени со нашите студии рекоа дека жалат поради тоа што ја примиле вакцината. Тие повеќе не сакаат да имаат ништо со вакцини, вели Ларсон.
Таа смета дека искуствата од пандемијата ја зголемила свесноста за позитивните, но и негативните ефекти од вакцините. Вели дека е потребно да се мотивираат луѓето од првите медицински редови да се заштитат од грип, но предупредува тоа да не се прави со наредби и команди, што може уште повеќе да ја влоши ситуацијата.
Вакцината против грип е од суштинско значење за спречување на епидемии во болниците. Лошата сезона на грип може да доведе до десетици илјади смртни случаи, особено кај постари пациенти и оние кои веќе се болни од други состојби. Епидемијата може да доведе и до недостиг на персонал, откажување операции и да ги изложи пациентите на ризик од инфекција во амбулантите и болниците.