Истражувачи од Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес (УКЛА) го откриле прикриениот ризик од пестицидот кога споредиле податоци на 829 лица со дијагностицирана Паркинсонова болест со 824 здрави лица.
Со комбинирање на домашните и работните адреси на луѓе од евиденцијата за употреба на пестициди во Калифорнија, која се води од 1974 година, тимот ја проценил изложеноста на секое лице на хлорпирифос.
Луѓето што најдолго време биле во близина на пестицидот имале 2,74 пати повисок ризик за развој на Паркинсонова болест во споредба со луѓето со минимална или никаква изложеност. Ризикот значително се зголемил кога луѓето биле изложени на пестицидот подолго од една деценија. Тоа се поврзува со бавниот развој на болеста, која често пати започнува многу години пред да се појават првичните симптоми.
За да тестираат дали поврзаноста може да биде причинска, тимот направил експерименти со глувци и рипки. Глувците изложени на хлорпирифос покажале знаци на нарушено движење и ги загубиле невроните што произведуваат допамин во мозокот, што е карактеристичен белег на Паркинсонова болест. Во мозокот на затруените глувци биле откриени и грутки од протеинот алфа-синуклеин, што исто така се совпаѓа со патологијата на Паркинсоновата болест.
Кај рибите хлорпирифосот ја пореметил автофагијата - клучен процес на отстранување на клеточниот отпад. Неколку претходни студии покажуваат дека автофагијата може да биде еден од начините на кој Паркинсоновата болест го оштетува мозокот.
Со прикажување на биолошкиот механизам кај животински модели, утврдивме дека оваа поврзаност веројатно е причинска. Оваа студија го утврдува хлорпирифосот како специфичен фактор на ризик за Паркинсонова болест, а не пестицидите како општа класа, забележува неврологот Џеф Бронштајн од УКЛА.
Хлорпирифосот веќе е забранет за користење во Европската Унија и во Британија поради утврдени врски со абнормалности на мозокот кај деца. Во САД неговата употреба е ограничена во изминатите децении, но тој се уште масовно се користи на земјоделски култури во многу земји.
Истражувачите од УКЛА се надеваат дека ќе ги разгледаат и другите видови пестициди и нивните потенцијални ефекти врз мозокот. Тие исто така сакаат да истражат дали третманите за спречување на автофагија би можеле да ја ограничат штетата предизвикана од изложеност на хлорпирифос, па дури и да го забават напредувањето на Паркинсоновата болест.
******
Види и: Паркинсон се крие во позелена трева
Паркинсоновата болест е создадена од човекот
Пиво, вино, глифосат