Како да не поминале две години од првата ковид паника, во Хонг-Конг уште еднаш се повторуваат истите сцени.
За две недели забалежани се 312.000 нови случаи кои се огромен предизвик за здравствениот систем, папсан во изминатите две години. Вистинската бројка веројатно е многу поголема бидејќи многу луѓе кријат дека се заболени, од страв да не потпаднат под ригорозните мерки за изолација во специјализирани државни установи.
Иако зад последниов пораст стои умерената варијанта омикрон, расте и бројот на смртни случаи, особено меѓу постарата невакцинирана популација. Во неделата до трети март, Хонг- Конг забележа поголема смртност од која било друга земја во светот.
Градоначалничката Кери Лам вели дека се пред предизвик без преседан и дека никој не можел да го предвиди последниов бран. Со ова нема да се сложат виролозите од Универзитетската клиника кои тврдат дека ова што сега се случува и можело да се предвиди и можело да се превенира.
Хонг-Конг долго се славеше како успешна приказна од стратегијата за нула-ковид и тоа се спроведуваше со ригорозни мерки и дисциплина: собирање на луѓе најмногу до двајца, објекти затворени после 18 часот, преградени терени за разонода... сè со надеж дека вирусот може на тој начин засекогаш да биде држен надвор од градот.
Сега се најавува и масовно тестирање на популацијата, што, според CNN, многумина ги тера да го напуштат Хонг -Конг.