
Во слабо вентилирани домови со шпорети на природен гас или пропан, кои испуштаат најмногу канцероген бензен, ризиците од рак од токсини се значително зголемени, тврдат истражувачи од Универзитетот Стенфорд. Тие ги мереле емисиите на бензен од шпоретите во 87 домови и со компјутерски модели ги анализирале можните струења на бензенот низ просториите.
Резултатите покажале дека ризикот од појава на рак кај децата е за 1,85 пати поголем отколку кај возрасните.
Симулацијата потврдила дека ризикот од рак бил поголем за становите и помалите домови. Таму бензенот се шири и до спалните соби каде што луѓето поминуваат голем дел од денот. Истражувачите укажуваат дека во САД луѓето поминуваат во просек 90% од своето време во затворени простории.
Според Светската здравствена организација, прифатлив ризик за појава на рак е изложеност на 1 човек на секои милион луѓе. Студијата покажала дека ризичната изложеност во спалните соби од бензен од шпоретите се меѓу 0,94 и 5,89 во милион за возрасни, и 1,92 до 12,03 на милион за деца, далеку над дозволените нивоа на СЗО.
Авторите укажуваат дека ги разгледувале најлошите сценарија – шпорети со највисоки емисиии на бензен и простории со најслаба вентилација. Но, додаваат дека резултатите се важни, особено заради подобра заштита на децата. Ризикот може значително да се намали со подобра вентилација, макар и отворен прозорец, или со користење на шпоретите на гас само кога е неопходно.
Вредностите варираат во зависност од големината на домот, временските околности, употребата на аспиратор, вентилацијата во домот и други фактори, како честотата и времетраењето на користењето на горилниците. Ризикот зависи и од метаболичките физиолошки карактеристики на изложените луѓе, забележуваат истражувачите.