Еуростат објавува раст на бројот на смртни случаи за 2020 во споредба со истиот период меѓу 2016 и 2019. Смртните случаи пикот го достигнуваат во ноември, а најтешко погодени се источните членки на Унијата.
Бројките покажуваат дека Унијата е во плус од 450.000 починати во период од 9 месеци, и тие „даваат генерална мерка за влијанието на ковид-19 пандемијата бидејќи ги вклучува сите смртни случаи без разлика на причината.“
Во првата фаза, пикот на зголемен број смртни случаи се случува во април, кога во ЕУ има 25% повеќе починати отколку за просекот за тој месец за периодот 2016 - 2019. Во тоа време Шпанија има над 80% повеќе смртни случаи од стандардно, а Белгија 74%.
Бројките се стишуваат за време на летото, но повторно почнуваат да растат од септември. Во ноември го достигнуваат апсолутниот пик на пандемијата, од 40% повеќе смртни случаи. Најтешките бројки во ноември доаѓаат од Полска, Словенија и Бугарија, од кои сите бележат над 90% раст.
Веројатно еден ден и кај нас ќе се појави статистиката за тоа колку луѓе овие месеци непотребно починаа од ковид-19 како директна последица на некадарноста Владата да набави вакцини и да почне со вакцинација на населението за кое е одговорна, и колку смртни случаи тежи секоја без трошка грижа на совест дадена дилетатнска изјава од типот „чекаме да пројде Кинеска нова година“, „некои документи заборавивме да спремиме“ или „не земаме руски вакцини за да покажеме колку сме му верни на НАТО“ (без НАТО тоа да го бара од нас).