Деца се предозираат со мелатонин

Бројот на американски деца кои се предозирале со мелатонин, хормонот кој помага во заспивање, отишол во небеса последнава деценија. Преку 500% раст имаат вакви случаи во изминатиот период. Нас како нација ова не нè засега. Ние сме на дијазепам.

Нова студија на истражувачи од детската болница во Мичиген покажа дека бројот на деца кои несакајќи биле отруени со мелатонин скокнал за 530% во текот на изминатата деценија.

Се работи главно за деца под пет години.

Кога деца земаат премногу мелатонин стануваат неверојатно поспани и тешки се за будење и рассонување, но во екстремни случаи, може и да се умре од тоа.

Во последно време многу повеќе возрасни луѓе имаат проблеми со спиењето, веројатно поради зголемен стрес, особено за време на пандемијата, и се свртуваат кон мелатонинот кој лесно се набавува и за кој не е потребен рецепт. Но тоа истовремено значи дека тој сè почесто може да биде на дофат и на некои други раце.

Родителите се повикуваат да го третираат мелатонинот како што би го третирале секој друг лек и наместо да го чуваат покрај креветот или во фиока за ноќе, да го чуваат подалеку од дофат на мали деца.

7 јуни 2022 - 12:24