Да не остане покусо, и Њујорк извади своја верзија на ковид-19

Новата верзија на ковид-19 која се шири низ Њујорк, меѓу другото носи и мутација која помага да се избегне имунитетниот систем, плус најверојатно ја намалува ефикасноста на вакцините.

Варијантата официјално го носи името Б.1.526, и прв пат се појавува во примероците собрани во градот во ноември 2020. До средината на февруари 2021, на нејзе отпаѓа една четвртина од случаите што ги евидентираат научниците.

За њујоршката варијанта на ковид-19 независно пишуваат две групи научници, едната од Калтек, другата од Универзитетот Колумбија.

Овие од Калтек го откриваат подемот на Б.1.526 преку скенирање на мутации во стотици илјади примероци од вирусот заведени во базата на податоци ГИСАИД. Тие откриваат дека има шаблон кој се повторува и дека тој е концентиран во регионот на Њујорк. Освен тоа тие откриваат се поголема зачестеност на Е484К мутацијата (јужноафриканскиот) и мутацијата С477Н која влијае на начинот на кој вирусот се врзува за човековите клетки. И двете мутации моментално се групирани под Б.1.526.

Од Универзитетот Колумбија имаат поинаков пристап и анализираат примероци од 1.142 пациенти во нивниот медицински центар. Таму откриваат дека 12% од заболените со ковид за заразени со варијанта што ја содржи верзијата Е484К. Луѓето заразени со вирусот кој ја има оваа мутација биле 6 години постари од просекот и било поверојатно да се хоспитализираат.

Неколку претходни студии покажуваат дека варијантите со Е484К мутацијата помалку реагираат на вакцините отколку оригиналната форма на вирусот.

„Луѓето кои закрепнале од коронавирусот или биле вакцинирани е многу веројатно дека ќе можат да се одбранат од оваа варијанта, нема сомнеж за тоа... меѓутоа тие сепак би можеле малку да се разболат од нејзе,“ објаснува имунологот од Рокфелер Универзитетот, доктор Мајкл Нусензвајг.

И покрај новините, американските научници се најзагрижени за британскиот сој на вирусот за кој веруваат дека ќе стане најраспространет во САД до крајот на март.

26 февруари 2021 - 11:27