Тргнувајќи од приказните на легијата холивудски мажи, Хју Џекмен, Крис Еванс, Пол Руд, а посебно Крис Прат, кои од стандардни мажи се трансформираат во совршени набилдани примероци во рок од само неколку месеци, и ставот „кога они можат, тогаш зошто јас да не можам“ Грен Исадор започнува поход да направи филмски стомачни.
И на него му е јасно дека дури и „најзапуштениот“ пример меѓу овие, Крис Прат, во времето пред да се стегне, изгледа подобро отколку најголемиот дел од обичните не-холивудски мажи.
Самиот Исадор не е нешто посебно спортски тип низ животот, па на 11 години достигнува килажа од 105 килограми, но сепак успева ова да го контролира да не прогресира до Џери Спрингер нивоа.
Иницијална каписла за подвигот е едновечерно заглавување на Јутјуб со мотивациони фитнес видеа. Исадор неколку часа гледа некогаш дебели луѓе како пресреќни раскажуваат за својата нова и стеснета шасија, надридоктори кои зборуваат за магични пилули и шејкови, и најразлични фитнес гуруа.
„Иако претежно се имам помирено со замислата дека стомачни е нешто што им се случува на други луѓе, како немање долгови или заљубување, сакав да знам дали ако стварно се потрудев, ама стварно, дали стомачните вистински се достапни,“ пишува Исадор.
Идејата со месеци му се матка низ глава додека прави килави кардио тренинзи, а на полноќ јаде такоа. Уште некое време вака, плус гледање фитнес Јутјуб и пробување неколку различни системи, тој решава дека ќе се стави на програмата која ветува стомачни за 80 денови.
„Во рок од 11 и пол седмици, јас успеав да ја постигнам најдобрата форма во мојот живот. Исто така успеав да ги оттуѓам луѓето кои ми беа најблиски, сериозно да и наштетам на мојата врска, и да се посерам. Два пати,“ објаснува Исадор.
Режимот го почнува со 95 килограми и 22,3% масти. Го ангажира тренерот Џеф Гирвиц, познат по успешна работа со најразлични типови луѓе, а во исто време и дамнешен познаник на Исадор, „тој е трпелив, мудар и духовит... како г-дин Мијаги, ако г-дин Мијаги беше напишан од Вес Андерсон.“
Првата реакција на тренерот е дека не прифаќа такви проекти, и дека за резултатите што сака да ги постигне потребен е долгорочен и одржлив пристап. Откако му објаснува дека ова „е поверојатно дека ќе резултира со животно искуство отколку со стомачни,“ Гирвиц се согласува да му состави план за вежби и исхрана. Гирвиц му објаснува дека стомачните не се ни најмалку веројатни ако процентот на масти не го намали барем на половина.
На третата седмица од вежбањето тој е нешто под 94 килограми и 20,5% масти. Вежба 6 дена неделно, околу 8 и 15 наутро, а тренингот е час и половина „кревање и спуштање тешки работи“. Сè што консумира го запишува во апликација во телефонот, и притоа пази на стандардните прехранбени негативци и алкохол. Ова влијае да сфати дека најголемиот дел од социјализацијата му се случува околу алкохол и храна, и последователно да се скара со најблиските.
Петата седмица е на 93,4 килограми и 21% телесни масти. Ова е неделата кога тој успева да се посере, „се случи без предупредување, ги носев дома испраните алишта и одеднаш само почувствував дека излезе од мене, без експлозија, без звук.“ На патот до дома, во унередена состојба, тој се обидува да сфати кој дел од новата исхрана е виновна за ова и дали ова е стандард за сите трансформации и зошто ниту едно видео не го споменува. И покрај лузната од неочекуваната случка, нему му е подеднакво важно и немањето прогрес на последното мерење, што се случува без разлика на фанатичното следење на програмата за исхрана и вежбање.
На мерењето за 7-та недела, тој е на 92,5 килограми и 19,4% телесни масти. Разликата што Исадор ја прави до тогаш е одлична, ако ја перципира вон контекст на предизвикот, меѓутоа во рамките на „стомачни за 80 дена“ таа е разочарувачка. И Гирвиц тоа му го кажува. Плус му објаснува дека е сосема ОК ако сака да се откаже, имајќи предвид колку е мизерен во изминатите седмици. Самиот Исадор признава дека единствено нешто што постигнал во овој период е да се посере во гаќи. Сепак решава да продолжи, почнува да мери колку храна внесува и двапати дневно да оди на вежбање.
Во 9-та недела стига до 90,5 килограми и 18,1% масти. На утринскиот тренинг обично крева килажа, а попладне работи кардио. Се претплаќа на сервис за испорака на храна, кој готви за професионални спортисти, а и онака редуцираниот социјален живот стигнува речиси до нула. Конечно добива пофалба од Гирвиц дека вежба како стварно да почнал да разбира колку труд треба за стомачни мускули.
На 10-та седмица му се повторува инцидентот од 5-та седмица, овој пат додека прави чучњеви на вежбање и за разлика од тишината од првиот пат сега е на цел глас. Позитивно е што веќе е паднат под 85 килограми и има 17,2% масти. Консултира доктор што работи со бодибилдинг натпреварувачи кој му дава нова исхрана, составена претежно од „пилешки гради, спанаќ и страв“. За енергија, комбинира аспирин, ефедрин и пилули кофеин. Продолжува да вежба 2 пати на ден и да се мери еднаш на ден. Новата исхрана е составена од 1300 калории на ден.
11-та (и последна) седмица. 82 килограми и 15% масти. Има ослабено 13 килограми, а мастите му се намалени за една третина, „а не бев ни блиску до стомачни.“
„Проектот започна напорно и продолжи да биде напорен за време на целото траење. На крај, јас не успеав да ги постигнам резултатите и не мислам дека сето ова вредеше,“ порачува Исадор.
Во тирадата по завршување на проектот, Исадор пцуе сè од мотивациски видеа до Крис Прат. Гирвиц со смеење му објаснува „луѓето претпоставуваат дека телесната трансформација е сребрен куршум што ќе ја излечи твојата несреќа, ама не е.“