Човек не е железара

Пораката е со Попај да не се претерува. Еден од најчестите здравствени проблеми за кои луѓето не се свесни е поврзан со железото во крвта. Ама не со неговиот дефицит.

„Имав необјасниви стомачни болки, потоа на факултет почнав често да се онесвестувам, косата ми паѓаше, имав страшни болки во зглобовите и бев хронично уморна“, ги опишува своите мистериозни болки една 27 годишна Англичанка која имала среќа релативно брзо да биде дијагностицирана.

Повеќето никогаш не дознаваат што им е проблемот или пак доаѓаат до вистинската дијагноза откако нивната хронична состојба ќе доведе до сериозно оштетување на некои органи. А може да се дојде и до цироза на црниот дроб. Се проценува дека на секој дијагностициран пациент постојат 10-мина кои не се. 

Се работи за хемохроматоза, генетски предизвикано пореметување кое води до претерано трупање на железо во крвта, оној елемент кој по дефиниција го сметаме за симбол на она што ни дава сила. А симптомите се слични како кај спротивниот близнак - анемичноста.

Се проценува дека во Велика Британија има околу 250.000 лица кои живеат со ризик да имаат хемохроматоза.

Третманот е едноставен, малку средновековен но може да има и хуманитарни ефекти. Се работи за редовно давање (испуштање)  крв, за таа да се „проретчи“.

18 ноември 2018 - 11:54