Од почетокот на оваа година матичните лекари во Британија нудат комбинирана MMRV вакцина за деца на возраст од 12 и 18 месеци, додавајќи ја и варичелата кон заштитата од мали сипаници, заушки и рубеола.
Вообичаено близу 90% од децата се заразуваат со овчи сипаници до својата десетгодишна возраст. Симптомите се благи и сипаниците обично се подобруваат сами од себе во рок од една или две недели, иако некои деца можат да развијат компликации како бактериски инфекции. Во ретки случаи, вирусот може да предизвика оток на мозокот, сериозно воспаление на белите дробови и мозочен удар, што понекогаш доведува до смрт.
На заразените деца обично им се советува да не одат на училиште додека сите дамки не формираат краста, што обично е пет дена откако ќе се појават. Властите тврдат дека организираната имунизација ќе им овозможи а децата да пропуштат помалку денови во градинка или училиште, а воедно ќе го намали бројот на работни денови што ги губат родителите додека се грижат за децата.
Проценките се дека варичелата во детството резултира со околу 24 милиони фунти изгубен приход и продуктивност секоја година во Британија. Се очекува овие трошоци да се намалат, а со имунизацијата би се заштедиле и 15 милиони фунти годишно што вообичаено се трошат за потешките случаи згрижени во болница.
Оваа нова заштита ќе им даде сигурност на родителите дека нивните деца се заштитени од болест која испраќа илјадници во болница секоја година. Семејствата ќе заштедат и време и пари, повеќе нема да се соочуваат со изгубен приход од земање слободно време од работа или од тоа да мора да плаќа за приватни вакцини, изјави министерот за здравство Вес Стритинг.
Комбинираната MMRV вакцина со децении е вклучена во рутинските распореди за вакцинација во САД, Канада, Австралија, Германија и други земји. Нивното искуство покажува намалување на случаите за хоспитализација до 97%.