Британците зимава очекуваат 120.000 мртви сограѓани од ковид-19

Британија (Британија!) од сега мора да почне со „интензивни подготовки“ на своите болници и здравствени системи за вториот, зимски, бран на ковид-19, кој има потенцијал да убие 120.000 жители на островот, алармираат тамошните здравствени експерти.

Алармирањето е од високи доктори и научници собрани во британската Академија за медицински науки, и според нив без итна акција, воскреснувањето на ковид-19 епидемијата ќе ги преплави капацитетите на тамошниот здравствен систем, кој и онака секоја зима е оптоварен со сезонскиот грип.

Проценката на експертите е по нарачка на главниот советник за наука на британската влада, Патрик Валанс, кој од нив побарал да се моделира „разумно најцрно сценарио“ за ковид-19 зимата.

Инаку се работи за тим од 37 експерти, кои нагласуваат дека ова е најлошо, но не и најверојатно сценарио.

„Моделирањето покажува дека бројот на смртни случаи може да биде повисок со новиот бран на ковид-19 зимава, но ризикот од ова може да се намали ако веднаш се преземат мерки.

Со релативно низок број на ковид-19 случаи, ова е критичен временски прозорец за да се подготвиме за најлошото што може да ни се случи зимава,“ изјавил претседателот на експертската група и професор по имуно-фармакологија на Универзитетот во Саутемптон, Стивен Холгејт.

Самото влегување во зима, ќе значи повеќе време минато внатре и помалку проветрување на просториите, што пак ќе доведе до одлични околности за преживување и ширење на вирусот.

Нивното очекување е дека пикот ќе биде во јануари и февруари 2021, кога Британија ќе се врати на бројките од првиот бран. Притоа оваа бројка не ги зема предвид смртните случаи во старечките домови и не го зема предвид користењето на дексаметазон.

14 јули 2020 - 11:54