Менаџерот на хеџ фонд и филантроп Бернард Селц и неговата сопруга Лиса, со години донираат пари на организации фокусирани на уметност, култура, образование и животна средина. Меѓутоа пред 7 години нивната фондација се посветува на многу различна кауза: групи што ја ставаат под знак прашање безбедноста и ефикасноста на вакцините.
Не е познато што ја предизвикува оваа промена во нивните ставови, меѓутоа се знае дека влијанието од нивните финансии е огромно. Најголемиот дел од парите на Селц завршуваат кај „неколкумина решени поединци кои одиграа вонредно голема улога во ширењето сомнеж и дезинформации околу вакцините и болестите што тие ги спречуваат“. Како резултат на ваквата кампања во првата половина од годинава во САД се пријавени 1.044 случаи на сипаници, што е најголем број во изминатите речиси 3 децении.
Вашингтон пост пишува дека на Селц фондацијата отпаѓаат три-четвртини од финансирањето на ИЦАН (Informed Consent Action Network), три години стара организација чија цел е „промовирање на безбедност на лекови и вакцини, и одлука на родителите во решавањето за вакцинирање“.
Лиса Селц е претседателка на организацијата, а директор е Дел Бигтри, поранешниот телевизиски продуцент кој сега тера кариера на говорење на јавни настани на тема анти-вакцинација. Бигтри нема никаква медицинска позадина, што не му пречи да се претставува како експерт за безбедност на вакцините. Тој ја застапува и промовира идејата за соработка меѓу американските владини претставници и фармацевтската индустрија.
Ставот што тој неодамна го сподели со новинарите е:
„На луѓе треба да им се дозволи да имаат сипаници ако сакаат да имаат сипаници. Лудо е што има така голем интензитет околу толку тривијална детска болест.“
Благодарејќи на донациите од Селц, ИЦАН моментално е најдобро финансирана меѓу триото организации кои шират загриженост околу вакцините. Иако сите три се посебно организирани, тие постојано ги засилуваат своите пораки, и си гостуваат еден на друг на своите јавни настани.
Брачниот пар прв пат се приклучува кон анти-ваксерите во 2012, кога даваат 200.000 долари за адвокатските трошоци за Ендру Вејкфилд, докторот кој во 1998-ма објавува студија во Лансет во која вакцината против сипаници се поврзува со аутизам, и со тоа го воскреснува модерното анти-ваксерско движење. Студијата потоа е негирана по научна основа, а Вејкфилд заради измама ја губи својата лиценца за доктор.
Парите што тогаш ги собираат треба да послужат за тужење на сите новинари кои ги ставиле под знак прашање заклучоците на Вејкфилд во студијата што беше повлечена.
Откако тужбата на Вејкфилд против новинарите е неуспешна, тој оформува две не-профитни организации во кои Селц донираат 1,6 милиони долари. Една од овие две фондации парите ги користи за снимање на документарецот „Vaxxed“ во кој вози низ Америка (во црн автобус, испишан со зборот Vaxxed) и интервјуира родители (во цркви, салони за масажа и слично) кои веруваат дека нивните деца се жртви на вакцините.
Филмот е и почетокот на пријателството меѓу Вејкфилд и Бигтри (говорникот од ИЦАН од погоре). Истата година кога излегува документарецот, Бигтри ја основа ИЦАН, а Селц фондацијата таа година им донира 100.000 долари, што е 83% од годишниот буџет.
Пост пишува дека цело лето 2019 на Бигтри му е букирано со јавни настапи против вакцинација.
Проценката на американскиот Центар за контрола на болести е дека на 1.000 деца заразени од сипаници 1 до 3 деца ќе умрат од компликации од болеста.