Последниот статистички извештај на тамошното јавно здравство покажува колапс на ХПВ16/18 меѓу сексуално активните млади девојки во Англија. На репрезентативен примерок од 584 девојки на возраст меѓу 16 и 18 години - нула инфекции. За споредба, во годината кога започна програмата за вакцинација, во оваа популација имало 15% заразени девојчиња.
ХПВ практично го има насекаде. Се проценува дека повеќето луѓе на планетава го закачуваат вирусот во некој момент во животот. Но, постојат преку 100 различни типа од кои повеќето се безопасни и не предизвикуваат никакви проблеми. Меѓутоа, има најмалку 14 канцерогени типа а 16 и 18 се виновни за преку 70 проценти од раковите на грлото на матката.
Во Англија се дава вакцина за заштита од 16, 18, 6 и 11, четирите најризични типови. Последните податоците покажуваат пад и кај другите типови што сугерира дека вакцината нуди поширока заштита.
Националната програма започна во 2008 а момчињата во неа се вклучени од 2019 година. Последните статистики покажуваат дека 83,9% од девојките на 13 и 14 години ги примиле двете потребни дози во периодот 2018-2019. Сличен успех како англискиот имаат и Шкотска и Австралија.
Некои професори предупредуваат дека нема простор за триумфализам потсетувајќи дека вакцината не е семоќно средство против ракот на грлото на матката и дека на превенцијата има многу да се работи и на други полиња.