Во глобалната ковид година во Јапонија за прв пат по една деценија опадна бројот на смртни случаи, па според бројките на тамошното министерство за здравство во 2020 во земјата имало околу 1,4 милиони смртни случаи, или 9.300 помалку умрени.
Падот од 0,7% е крајно изненадувачки не само затоа што се случува во време на корона, туку и затоа што се случува во земјата со најстара популација на светот.
На почетокот од пандемијата доминираше стравот дека претстарената популација на Јапонија е во посебно висок ризик. Сепак до сега земјата има регистрирано само 7.600 случаи на смрт од ковид-19, а вкупниот број на заразени во еден момент никогаш не ја надмина границата од 8.000 луѓе.
За да бидат појасни бројките клучно е да се знае дека Јапонија има 126 милиони жители. За уште појасно да ви биде, ние на 2 милиони луѓе имаме 3.098 починати од ковид-19 (25.02.2021).
Едно од објаснувањата е дека бројките се резултат на тоа што Јапонците инстантно и без исклучоци прифатија носење маски и социјално дистанцирање. Оваа меѓу другото драстично го намали бројот на респираторни болести во земјата.
Јапонците масовно ги почитуваа и препораките на власта за избегнување затворени простори, гужви и близок контакт со други. Плус воведувањето на средство за дезинфекција (не разводнето) беше инстантно и присутно во речиси секоја продавница, јавен простор или канцеларија.
Фактор е и намалениот број на сообраќајни несреќи, па како резултат на тоа бројот на жртви во сообраќајот во 2020 е намален за 12%, и е најнизок откако се води есап за оваа категорија од 1948.
Категоријата во која има зголемен број на смртни случаи во Јапонија се самоубиствата. Додека вкупната бројка е порасната за 4%, бројот на жени кои минатата година извршиле самоубиство е зголемен за 15%. Како главни причини за ова се водат губењето на работно место и изолацијата и затворањето на луѓе во едно место.