Орландо сентинел објавува дека член по име Чак Финли изнајмил 2.361 книга од библиотека во Флорида, во текот на 9 месеци во 2016. Но Финли физички не можел да земе ништо, бидејќи тој е измислен од неколку библиотекари, сосе неговата домашна адреса и број на возачка дозвола. Тој им послужил за да можат да спречат расходување на некои од книгите, кои според правилата се тргаат од полиците доколку никој не ги бара во подолг временски период, а потоа по потреба повторно се купуваат.
Она во што се зафркнале овие библиотечни измамници е што вршеле издавање и повторно враќање на десетици книги во тек на само еден час. Нивната шема била откриена од внатрешна истрага во библиотеката, започната по анонимна дојава. Тоа покрена сомнеж дека ваква измама е вршена и во други библиотеки во Лејк Каунти, што е особено важно кога станува збор за градските, во кои финансирањето зависи од бројот на членови и од циркулацијата на книгите. Средства кои притоа можат да се добијат на име на „промет“ достигнуваат еден милион долари годишно.
Библиотеката во која го измислиле Чак Финли не спаѓа во оваа категорија, бидејќи таа е регионална, па оттаму тука не станува збор за финансиски мотиви на поединците или на институцијата. Сепак, измислените позајмици го зголемиле нејзиниот промет за 3,9%.