САД бараат гејмери за контролори на летање

За да го пополни недостигот од околу 3.500 контролори на летање, американската Федерална администрација за воздухопловство објави конкурс насочен кон гејмери. Оценила дека нивната способност за концентрирање и брзо донесување одлуки се квалитети што одговараат за една од најкритичните позиции од која зависат животи на милиони луѓе.

Министерот за транспорт Шон Дафи ја прогласи за „исклучително успешна“ кампањата на ФАА за регрутирање видео-гејмери како контролори за летање. За само 12 часа по објавувањето на огласот на 17 април, се пријавиле речиси 6.000 кандидати. Квотата од 8.000 кандидати е пополнета.

ФАА се соочува со недостиг од околу 3.500 контролори на летање. Во текот на изминатата деценија се зголеми јазот помеѓу зголемениот воздушен сообраќај и намалениот интерес за професијата и пензионирањето на искусни контролори.

Администрацијата високо ги цени вештините што се вообичаени кај гејмерите, како што се задржувањето концентрација на долг период, брзото донесување одлуки и способноста за управување со повеќе влезни податоци истовремено.

Гејмерите разговараат, реагираат и управуваат со многу во исто време. Тоа е многу слично на она што се случува во Контролна кула... За да ја достигнеме следната генерација контролори на летање, треба да се прилагодиме. Иновативниот стил на комуникација и фокусот на игрите на оваа кампања се потпираат на растечката демографија на млади кои поседуваат многу од вештините потребни за да се биде успешен контролор, истакна министерот Дафи.

Акцијата за регрутирање беше насочена кон потенцијалните кандидати од генерацијата Z. Содржеше промотивно видео и пораки што ги дефинираат целите на мисијата. ФАА го истакна и долгорочниот потенцијал дека сертифицираните контролори во рок од три години можат да заработуваат по повеќе од 155.000 долари годишно, но нагласува дека процесот на селекција останува строг и ригорозен.

Кандидатите мора да бидат државјани на САД, помлади од 31 година и течно да зборуваат англиски јазик. Пријавените се соочуваат со повеќестепен процес на евалуација, вклучувајќи медицински прегледи, проценка на вештините за контролирање воздушен сообраќај и критериуми за безбедносни дозволи. Дури и кога се исполнети овие услови, само околу 2% го завршуваат процесот на обука, кој може да трае помеѓу две и пет години.

Експерти за воздухопловство предупредуваат дека иницијативата доаѓа во време на засилена контрола на безбедноста. Истрагите за неодамнешните инциденти откри дека е значително намален бројот на високо обучен персонал, поради што е зголемен притисокот врз контролорите.

Синдикатот на контролори на воздушен сообраќај изрази поддршка за програмата, наведувајќи ја потребата од привлекување нови таленти поради постојаните притисоци во вработувањето, но предупредува дека тоа не е брзо решение поради значителното време потребно за завршување на обуката и сертификацијата.

20 април 2026 - 09:11