„Престапните" бебиња имаат две возрасти - годишна и четворогодишна. За ова можат да му „заблагодарат" на Јулие Цезар, кој врз основа на советите од неговите астрономи го вградил во календарот фактот што Земјата се врти околу сонцето за пет часа, 48 минути и 45 секунди подолго од 365 дена. Тој во еден момент почнал да додава денови во месеците на календарот, меѓу кои и тој еден престапен на секои четири години.
Родените на 29 февруари (или нивните родители) се махери, заради тоа што и покрај статистички малата веројатност од 1:1,461, сепак се родиле на овој датум. Некои сметаат дека тоа нив ги прави посебни - во 2008 Марта Стјуарт на нејзиното шоу поканила 200 вакви луѓе кои ги спојува единствено необичниот датум на раѓање. Има посебен „Клуб на 29тници", кој го основал уредник на весник од Питсбург, Канзас, на почетокот на минатиот век. Од 1988, како што пишувавме, градот Ентони во Тексас е прогласен за светска престолнина на престапната година. На сајтот Honor Society of Leap Year Day Babies „колегите" по овој датум на раѓање ги споделуваат своите искуства - деца кои мислеле дека некој им го украл роденденот, родители кои ги подмитуваат службениците да им пишат 28 февруари или 1 март на изводите од родени, луѓе кои имаат проблеми да извадат документи затоа што во базата едноставно не е предвиден таков датум на раѓање итн.
Психолошки возрасните „престапни" како да припаѓаат на два табора - едни што сметаат дека нивниот датум на раѓање е посебен знак, како некаков телесен белег, и оние кои на ова не му посветуваат посебно внимание. За децата сепак ова може да биде пофрустрирачко, па некој се сетил да направи сликовници и на оваа тема, за да им помогне на родителите да му објаснат на сиротото дете зошто не може да слави баш на денот кога е роден. Фејсбук нема опција за оние родени на 29ти, па луѓето најчесто се решаваат да стават 28ми кај датумот на раѓање, за честитката барем да подрани, а не да задоцни.
Добрата страна на целава приказна е што кога нашава пријателка од почетокот на текстот ќе направи некоја глупост, секогаш може да каже - „Е добро де, детска работа".