Од премиерот ве делат само пет луѓе

Ученици од Нов Зеланд решиле да ја испробаат теоријата на “шест степени на разделување“ по која само петмина се доволни за вашата порака да стигне до кого сакате на планетава. Новозеландската премиерка добила 18 такви писма.

„Здраво Јасинда Ардерн, ако го читате ова писмо, тоа значи дека нашиот експеримент успеал. Ние тестираме колку се поврзани луѓето од Нов Зеланд, без разлика во кој дел од светот се наоѓаат. За да стигне до вас, ова писмо минало само низ раце на луѓе кои меѓусебе се познаваат“, се наведува во писмото кое било експериментален обид за проверка на тезата скована уште во 1929 година од еден унгарски писател.

Премиерката Ардерн досега добила 18 такви писма, и тоа според правилата, на рака и од човек кој го познава.

Со оглед на тоа што Нов Зеланд брои само 4,7 милиони луѓе (теоријата е глобална), во случајов понекогаш биле доволни и помалку спунтови за писмото да стигне до планираниот човек. 

За да стигне до Премиерката, едно писмо патувало над 1.000 километри а тргнало од еден остров на кој живеат само 200 луѓе.  Ардерн вели дека одговорила на сите 18 писма.

Инаку, за оваа теорија на 6 степени на разделување пишувавме кога Фејсбук ја апдејтираше математиката па пресмета дека всушност се работи за 4,5 степени.

Николас Кристакис, авторот на „Поврзани: изненадувачката моќ на нашите социјални мрежи и како тие ни го моделираат животот" ја објаснува нашата фасцинација од тоа во туѓинците да препознаеме некој колку-толку близок со еволутивната потреба да - преживееме. Средновековните витези кои се среќавале среде пат прво си ги споредувале родовските стебла, па ако имале некој заеднички пра-вујко се симнувале од коњите и се прегрнувале. Но ако таква сродност немало, тогаш можеле да се борат до смрт. Накратко, сакаме да веруваме дека помеѓу нас и другите има мала социјална дистанца за на тој начин да се чувствуваме побезбедни, пишавме во статијата „Квадратурата на Фејсбук кругот“

 

22 јануари 2018 - 16:54