На некого само што му стана 190 милиони пати помалку гајле за брегзит

Се работи за трансевропската лотарија, на која последниот џек-пот стигна до 190 милиони евра, и како за спомен и со среќа брегзитот се падна во Британија.

Добивката е потврдена од лото операторот во Британија, според кој парите одат на конто на само еден добитник.

Доколку не се работи за здружно ливче, добитникот со овие пари ќе заврши на списокот на Сандеј Тајмс за 1.000 најбогати лица што живеат во Британија (или имаат бизнис таму). Според некои претходни рангирања, со овие пари добитникот ќе биде пред Том Џонс, Калвин Харис и Ед Ширан.

Ова е рекордна добивка во Британија, и е речиси 10 милиони евра поголема од претходниот рекорд од 2011.

До премијата од 190 милиони евра се стигна откако 22 кола по ред, од 19 јули, ни еднаш не се падна џек-пот. Лотаријата максимумот од 190 милиони евра го достигна на 24 септември.

Според правилата на лотаријата, откако наградата ќе го достигне максимумот таа треба во рок од 5 кола да биде поделена (некој да погоди 5 бројки и 2 дополнителни). Доколку на 5-то коло не се падне 5+2, тогаш таа ќе биде доделена на следното пониско ниво на добитни броеви (5 бројки + 1 дополнителен). Конкретниов џек-пот беше извлечен на 5-то коло, и е прв пат извлекувањето да стигне до таму.

9 октомври 2019 - 10:38