Најјака приказна е онаа за која пишувавме пред две години, за баксузот од Англија, со наслов: „Човекот кој моли да копа по депонија“
39 годишниот Џејмс Хауелс над една деценија се обидува да го најде и врати хард дискот со неговото изгубено богатство за кое верува дека се наоѓа на депонија во Њупорт. Тврди дека дискот имал 8.000 биткоини кои тогаш вределе околу 4 милиони фунти а сега над 569 милиони фунти, поради скорешниот пораст на биткоинот во атмосфера на победата на Трамп.
Дигиталниот клуч за пристап до криптовалутата го чувал на компјутерски хард диск. Го надградувал компјутерот па хард дискот го оставил во фиока до 2013 година кога случајно го фрлил, рака му се исушила.
Оттогаш, упорно бара од локалниот совет на Њупорт да му дозволи влез во депонијата за да го бара исчезнатиот хард диск. Овие упорно го одбиваат со образложение дека ископувањето би имало огромно влијание врз животната средина и околината.
Потоа го имате Стефан Томас, човек на кого - кога вредееле по два долара - му биле платени 7.002 биткоини за да направи анимација во која се објаснува „што е биткоин“.
Томас го ставил биткоин паричникот на хард диск, но го подесил да се самоуништи после 10 утки на пасвордот. Откако неповратно ја заборавил лозинката, сега му остануваат уште само две претпоставки за да дојде до 557 милиони долари.
Луѓе кои не можат да дојдат до својата криптовалута, можеби ќе ги охрабри епилогот на „Крис“ (вистинското име не го објавуваат) кој во 2011 година инвестирал 1.500 фунти. Го направил тоа преку една платформа за после три години да открие дека сметката му е замрзната. Не можел да стори ништо бидејќи платофрмата не била под надлежност на регулаторот па можел само воајерски да гледа како неговите пари растат.
Неговата сопруга се охрабрила и се обратила до фирма специјализирана за враќање на изгубена криптовалута. За кратко време му ги вратиле парите. Не се колку оние претходни два примера, ама па и не лошо одеднаш да те полазат пет милиони долари.
Наравоучение: Не фрлајте ништо и слушајте ја жена ви.