Човек кој несакајќи го фрлил хард дискот кој му овозможувал пристап до неговите биткоини вели дека денес тие вредат повеќе од половина милијарда фунти.
39 годишниот Џејмс Хауелс над една деценија се обидува да го најде и врати хард дискот со неговото изгубено богатство за кое верува дека се наоѓа на депонија во Њупорт. Тврди дека дискот имал 8.000 биткоини кои тогаш вределе околу 4 милиони фунти а сега над 569 милиони фунти, поради скорешниот пораст на биткоинот во атмосфера на победата на Трамп.
Дигиталниот клуч за пристап до криптовалутата го чувал на компјутерски хард диск. Го надградувал компјутерот па хард дискот го оставил во фиока до 2013 година кога случајно го фрлил, рака му се исушила.
Оттогаш, упорно бара од локалниот совет на Њупорт да му дозволи влез во депонијата за да го бара исчезнатиот хард диск. Овие упорно го одбиваат со образложение дека ископувањето би имало огромно влијание врз животната средина и околината.
Откако ја одбиле и неговата понуда 25% од вредноста на неговите биткоини да се користат за проекти во локалната заедница, минатиот месец решил и да го тужи градскиот совет и да бара отштета од 495.314.800 фунти.
„Го задржуваат мојот капитал без моја согласност и не ми дозволуваат да го барам“, вели човекот кој знае како е да имаш а да немаш.