Од школските модели и други нагледни средства добивме претстава дека планетите во сончевиот систем се блиску едни до други како дебармаалски кафани. Напротив - дистанците меѓу нив се тешки за поимање а практично не можат да бидат истражени од летало кое би функционирало исклучиво на соларна енергија.
Добрата вест е дека постои плутониум 238 - радио-изотоп (што ќе рече радиоактивна форма на елемент) чија топлина може да биде претворена во електрична енергија. Кога ќе се најде во апарати наречени радиоизотопни извори на енергија, Плутониумот може да ги подмири потребите и на најепските мисии на НАСА, и тоа со децении.
Но, има еден мал проблем - според неодамна објавен извештај, од овој елемент останува доволно материјал само за следните осум години.
Одделението за енергетика на САД работи на создавање повеќе плутониум за вселенски истражувања, но настанатиот проблем може да ја доведе во прашање способноста на НАСА да го користи за идни мисии. Со тоа што стануваат неизвесни вселенските патувања, така станува неизвесно и секое идно знаење за сончевиот систем.
Од вкупно 2.900 типови радиоизотопи познати на човештвото, само 22 се соодветни за добивање енергија за вселенски летови. Дури 21 од нив пак се практично неупотребливи, или затоа што се прескапи, или затоа што емитираат премногу опасна радијација. Единствениот кој совршено одговара е спомнатиот тип, 238. И за разлика од неговата „сестра-изотоп“, Pu-239, овој не може да се вгради во експлозивни нуклеарни бомби.
Дел од тајната на Pu-238 е што неговиот полу-живот - времето кое е потребно за половина од кое и да е количество да се распадне - е 87.7 години. Ова значи дека за скоро цел век од сега, кое и да е количество од него ќе даде нешто помалку од половина од топлината која ја дава денес. Ова е важно бидејќи за патувања низ вселената едноставно е потребно многу време - на Касини му беа потребни седум години да допре до Сатурн, а на Њу Хорајзонс девет за да стигне до Плутон.
Но како воопшто дошло до тоа да снема Плутониум 238? Владата на САД престанала да го произведува во 1988. Русија ѝ продала извесно количество на НАСА во 1990-тите и 2000-тите, но престанала генерално да тргнува со него околу 2009, најверојатно бидејќи складираните резерви од Студената војна се потрошиле. Комплесноста на производство на нови количества довело до тоа Конгресот да го сопре финансирањето, и тоа цели две децении. Прв пат по Студената војна, во јули 2011 се одобрени пари (само 10 милиони долари) за рестартирање на производството. Но тоа оди многу бавно - до декември 2015 биле произведени (само) 50 грама Pu-238, соодветен за мисиите на НАСА. Во следниве неколку месеци се очекуваат дополнителни 100 грама. Тајниот рецепт е изгледа познат, но процесот е едноставно пребавен и прескап.
Како и да е, НАСА денес има само 35 килограми соодветен плутониум на располагање, а заради распаѓањето, само половина од ова количество е доволно свежо и жешко за користење. Ова не е доволно за уште една мисија како Касини, за која беа потребни повеќе од 23 килограми плутониум.
Ако сте влезени во вселенскиот бизнис очекувајќи брзи резултати и инстантно задоволство од сработеното, тогаш некој ве прелажал - велат експертите, кои се задоволни што грам по грам залихите сепак се зголемуваат. Кај и да е, ако не во нивниот, тогаш во нечиј друг животен век, длабинските вселенски истражувања сепак ќе можат да продолжат.