Новата нуклеарна централа Хинкли Поинт Ц, најскапата во светот со цена од 61 милијарда долари, треба да биде оперативна до околу 2030 година, но нема да добие дозвола за работа сè додека не биде најдено решение како да се спречи помор на рибите во системот за разладување.
За да се одржуваат реакторите ладни, огромни пумпи за само неколку секунди од Бристолскиот канал ќе вшмукуваат вода колку што собира во олимписки базен. Рибите не само што лесно може да го затнат системот, туку и се заштитени со закон. За убиство на риба, според британските закони, следува шест месеци затвор, плус парична казна во износ одреден од судија.
Инвеститорот се согласи да потроши 930 милиони долари за инсталирање филтер со ескалатори што би ги враќал во заливот рибите што ќе заталкаат, како и систем за одвраќање со акустични уреди – популарно наречен „дискотека за риби“. Такви системи веќе има во езера и реки, но никој досега не се ни обидел да спроведе голем проект во морски води.

Проектот опфаќа поставување и поврзување на 288 водоотпорни звучници, кои заедно ќе испуштаат звуци погласни од џамбо-џет на писта - и тоа 24 часа на ден во следните 60 години.
Не е едноставно. Различни риби реагираат на различни звуци. Високите фреквенции ги одвраќаат сардините, но ја попречуваат комуникацијата на делфините. Пастрмката и лососот бегаат од басови. Јагулите, кои имаат уши зад очите, реагираат само на трепкачки светла, вели Дејвид Кларк, експерт за рибарство на Универзитетот Свонси.
Француската компанија ЕДФ, која ја гради централата, се колеба и поради цената од десетици милиони долари и поради спорната ефикасност на дискотеката. Истражувања покажуваат дека таа ќе спаси по една ситна риба на ден, по еден лосос на 12 години или по една пастрмка на 35 години.
ЕДФ понуди алтернативни проекти за да го компензираат очекуваниот помор, како поплавување на 1.500 хектари на блискиот брег за да се создаде ново мрестилиште. Регулаторите одбиваат.
Засадивме 20.000 дрвја околу локацијата, ги заменивме домовите за заштитени видови како лилјаци и јазовци и создадовме ливади со диви цвеќиња специјално за барање храна од дивиот свет“, соопшти компанијата.

Поради комплицираниот систем за заштита на дивиот свет, Британија има долга и богата историја на одложени инфраструктурни проекти. Проект од 12 милијарди долари за изградба на делница под Темза е блокиран поради 6 лилјаци во напуштено засолниште од Втората светска војна. За да не настрадаат, им биле изградени нови.
Новата брза железничка линија долга од Лондон до Бирмингем се гади четвртина век и ги чини даночните обврзници над 100 милијарди долари. За да се заштитат 300 примероци на ретки лилјаци, се гради специјален тунел со големина на катедрала од 150 милиони долари - по половина милион за секој лилјак. Се градат и нови куќички од по 660.000 долари, двојно поскапи од просечен дом на британско семејство.