Трите главни компании за изнајмување е-скутери во Мадрид - Лајм, Винд и ВОИ - се обвинети дека нивните апликации не ги почитуваат сообраќајните правила со кои возењето на е-скутерите е ограничено на велосипедските патеки и улици со една лента на кои брзината е ограничена на 30 километри на час.
„Тие добија рок и им беше кажано дека за да продолжат да работат ќе мора да исполнат серија услови, меѓу кои дека не смеат да собираат податоци од корисниците и дека почетокот и крајот на возењето мора да бидат во дозволените области,“ изјавила координаторката за животна средина и мобилност, Инес Сабањес.
Друго барање на градскиот совет е апликациите да осигураат дека освен што скутерите ќе бидат користени само во дозволените делови од градот, тие исто така треба да спречат истите да бидат оставени на сред пат или на тротоар.
Трите компании летово почнаа со работа во Мадрид пред воопшто да има каква било регулатива за нивното работење.
По завршување на рокот од три дена, секој еден електричен тротинет што ќе биде начекан оставен на улица ќе биде конфискуван од градскиот совет.
Од почетокот на летото до сега мадридската полиција има пријавено 22 судири во кои учествувале е-скутери, од кои во 8 биле прегазени пешаци. Минатата недела во Барселона двајца мажи завршија на суд за убиство, откако со е-скутер фатално соборија 90-годишна жена која со помагало се движела во пешачка зона.