Форест сити на компанијата Кантри гарден е најголемиот од околу 60 проекти кои моментално се градат во малезиската економска зона Искандар. Проектот е на површина од 13,8 километри квадратни (општина Центар по маркица е 7,52 километри квадратни).
Истата компанија, малку подолу од овој проект, во 2013 започна со изградба на крајбрежен комплекс каде до сега ги продаде сите 9.539 станови.
Привлечноста за инвестирање во недвижности во Искандар е заради близината до Сингапур, чија економија го поттикнува растот на целиот околен регион, ама во исто време има блесаво високи цени на недвижности. Во комплексот што се гради двособен стан може да се купи за околу 180.000 долари, што е една петина од цената на недвижност со слична квадратура во централен Сингапур.
Целосната изградба на Форест сити е предвидено да трае околу 30-години, а кога ќе биде готов, се очекува градот да има вкупно 160.000 станови.
Малезијците пред една деценија одлучуваат да ја изградат Искандар зоната на југот од земјата за да ја искористат близината и успешноста на Сингапур. Тие во 2006-та објавија 20-годишен план за зоната за кој предвидоа дека ќе биде потребно вложување од 87 милијарди долари.
За сега планот им е прилично успешен бидејќи високите трошоци за живот и скапата цена на недвижностите во Сингапур поттикнаа повеќе компании да се релоцираат во Искандар, а трговските центри и забавните паркови во зоната стануваат омилено место за еднодневни патувања за жителите на Сингапур.