Човекот што направи стан од 90 мил. долари

Во Њујорк неделава беше продаден апартман на два ката од 1015 квадрати, по цена од 90 милиони долари. Не се знае кој го купил, ама се знае кој го направил.

Апартманот како и комплетната зграда, One57, е дело на Гери Барнет, првиот човек на Extell Development.

Тој е поранешен трговец со дијаманти, кој ја основа својата компанија во 90-те. Наскоро започнува повеќе проекти со голем публицитет, меѓу кои е и купувањето на седиштето на банкротираниот Енрон кој Гери го претвора во хотел и рушењето и изградбата на W хотелот на Тајмс Сквер во Њујорк.

Неодамна Барнет беше прогласен за вториот најмоќен човек во бизнисот со недвижности во Њујорк.

Зградата One57 (на чиј врв се наоѓа најскапиот апартман на светот) е најскапиот проект на Барнет до сега. Зградата од 90 катови се наоѓа на една од најдобрите локации во Њујорк (карши Карнеги Хол и веднаш до Централ парк).

Иако Барнет е човекот кој ја направи зградата, тој нема да го има најголемиот ќар од продажбата. Најголемите пари одат во два инвестициски фондови од Абу Даби, кои вложија 650 милиони долари во изградбата. Барнет има само 10%.

Тој моментално работи на нов хотел на Тајмс Сквер и претворање на еден хотел на Менхетен во станбена зграда. Наскоро тој би требало да се надмине себе си и да изгради зграда висока 381 метар. One57 е висока 306 метри.

19 мај 2012 - 14:05