На секого му е потребно да има душман на работа

Обемна анкета во Британија покажува дека 6 од 10 испитаници имаат душман меѓу своите колеги. Според други неофицијални резултати останатите четворица сигурно лажат.

Во испитувањето учествуваат 7.000 лица, а меѓу бројките има и резултати како тоа дека 20% од луѓето побарале слободен ден затоа што не можеле да се соочат со својот непријател, и дека речиси една четвртина од нервоза се фатиле за алкохол или цигара.

Според Ел Хант од Гардијан, имање непријател на работа е чист мерак. Таа објаснува дека во оваа категорија не потпаѓаат насилници (физички/психички), луѓе што те саботираат или активно работат на тоа да ти е непријатно додека си на работа.

„Зборувам за колеги кои не можеш да ги поднесеш, кои може да се несвесен вентил за твоето вродено човечко мрчаторство,“ пишува Хант.

По нејзиниот рецепт клучно во целата работа е платонска омраза да биде изведена професионално, да не почне да им пречи на твоите секојдневни работни обврски, само твоите најблиски колеги да знаат за омразата и да не сакаш вистински да им наштетиш.

„Всушност ти од презир си екстремно фина со нив додека тајно уживаш кога мејлот ќе го испратат до погрешни луѓе и кога во наслов ќе напишат ’неможе’ наместо ’не може’. Најдобриот непријател на работа е некој со кого не работиш заедно, чија позиција е отприлика колку твојата, кој главно не е свесен за тоа и е безопасен. Исто така ова е изводливо само во големи канцеларии каде се опкружуваш со луѓе слични на себе,“ пишува Хант.

Според неа имањето непријател на работа е идентично корисно како и имањето пријатели меѓу колегите. Логиката е дека со (лајт) непријателот имаш уште една причина зошто да доаѓаш на работа, освен пари, и дека така прикриен антагонизам „те мотивира да работиш повеќе и да бидеш подобар од него“.

„Идејата во основа е да напишеш сопствен ситком за работата - никој не го гледаше Офис заради продажбата на хартија. Ти треба канцелариска сопруга (некој со кого ќе се радуваш или тагуваш), канцелариска симпатија (некој со кого безопасно ќе флертуваш и ќе гледаш заедно да одите до ладилникот за вода) и канцелариски непријател на кого ќе може да ја покажеш својата надмоќ,“ порачува Хант.

 

27 февруари 2019 - 12:57