Не, парите што ги даваш за дрога не го финансираат тероризмот

Претворањето на исламските милитанти во организација финансирана со пари од продажба на дрога е брилијантен начин во исто време да удриш по џихадистите, и да му наметнеш грижа на совест (и основа за помагање на тероризам) на секој вклучен во купување и продажба на дрога. Плус, е совршено прифатлива приказна за медиумите и секој што е задоволен само со читање наслови на вести.

Во 2014-та портпаролот на американското ДЕА, објаснува дека трговијата со дрога не само што е криминал, туку е и "прашање од националната безбедност," и дека e "реална заканата" од финансирање на терористичките организации со пари од дрога.

Наспроти него е експертот за меѓународни конфликти и организиран криминал, Ванда Фелбаб-Браун, според која заканата не е реална, а самиот наратив околу ова е преполн со полу-вистини и спинови кои, во одредени случаи, служат и како маска за вклученоста на владини функционери во трговијата со дрога.

Како што објаснува Фелбаб-Браун: "најголемиот дел од оваа поврзаност е преувеличена, и се базира на неверојатно слаби докази. Наративот за нарко-тероризмот е базиран на многу драма и митови."

На пример приказната за ИСИС дека е еден од клучните играчи во глобалната трговија со хероин, најмногу е промовирана од руските медиуми и функционери, бидејќи таа помага да се оцрнат САД и Британија. Логиката во сторијата е дека неуспехот на Америка и Британија да го сопрат производството на опиум во Авганистан, не само што го финансира ИСИС, туку има и тајна цел: да навлече милиони млади Руси на хероин.

Во реалноста, ИСИС, моментално има многу мало учество во глобалната трговија со хероин, кокаин или канабис.

"ИСИС, Ал-Каеда и Талибанците не се нарко-терористи. Тие се терористи кои едноставно земаат процент од сè што се случува на нивна територија - многу е локализирано," објаснува Фелбаб-Браун, која пренесува бројки според кои 7% од приходите на ИСИС, доаѓаат од "останати извори" кои опфаќаат продажба на струја, донации и дрога.

Во однос на тоа дека поврзувањето на двете активности, тероризам и дрога, е дел од маскирањето на владината вмешаност во трговијата, Фелбаб-Браун објаснува "многу е полесно да се обвинат терористите отколку корупцијата на институциите. Запаметете, најдобар начин да се биде дилер на дрога е да работиш за министерството кое се бори против наркотици."

Ширењето на дезинформациите е добро распространето и низ Северна и Западна Африка, каде високи функционери на Мали, Гвинеа-Бисао, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне се поврзуваат со шверц на кокаин и производство на метамфетамин. Вакви ликови веќе беа уапсени во Кина, Италија, Пакистан, Турција, Бурма и Перу.

Дополнителен аргумент против "мерџингот" на двете индустрии, е и тоа што најголемиот дел од нарко шверцерите го гледаат ИСИС како опасен бизнис партнер, не само заради нивната подготвеност да применат екстремно насилство, туку и затоа што секој нивен потег привлекува максимално внимание од најголемите светски воени сили.

Од големата тројка, ИСИС, Ал-Каеда, Талибанци, најблиски врски со нарко-парите имаат последните, кои како долгогодишни владетели на Авганистан го сфатија тоа што го сфатија и сите останати владетели (владата на земјата и Коалициските сили), дека ако сакаат да имаат послушен народ во Авганистан, немаат друга опција освен да им дозволат да продолжат со производството и трговијата со опиум.

И нивната вмешаност во најголем дел се однесува на трговијата во границите на Авганистан, каде се претставуваат како заштитници на афионовите полиња од неверничката влада во Кабул, додека шверцот вон земјата "е привилегија на корумпирани функционери во Пакистан."

"Талибанците се вклучени во одреден шверц на опиум во Пакистан. Меѓутоа бизнисот е доминиран од соработници на најголемите партии во Пакистан и ликови од пакистанското разузнавање и армија. И како и авганистанските политичари кои исто така профитираат од трговијата, тие парите ги перат во Дубаи и Емиратите," објаснува Фелбаб-Браун, според која околу 30 до 40 проценти од финансиите на Талибанците се од трговијата со опиум.

Што се однесува на Ал-Каеда нејзината проценка е дека нивната поврзаност со трговијата со наркотици била "драматизирана" пред една деценија врз основа на "слаби докази."

По освојувањето на Нангархар провинцијата во Авганистан, ИСИС по основа на религиозна чистота го укина одгледувањето опиум. Ова прво не беше почитувано од сите припадници на ИСИС, па оние дојдени од Исламското движење на Узбекистан, кои и претходно шверцуваа опиум, продолжија со својата пракса, и второ, ја крена локалната популација против нив.

На Блискиот Исток, ИСИС не се така пуритански настроени, па има шпекулации дека тие почнале да го даночат шверцот и производството на хашиш во и околу Либан. Главната поврзаност на ИСИС и наркотиците е амфетаминот Каптагон, кој го откриваат откако освојуваат серија фабрики во Сирија со капацитет за негово производство на индустриско ниво.

Според првиот човек на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал, Тусдеј Реитано, ИСИС има комплициран однос со шверцот на дрога на Блискиот Исток:

"Шверцерите фатени на територијата на ИСИС, најчесто се егзекутирани. Сепак Каптагон се произведува во Сирија и се шверцува преку границата во Либан и Турција. Ова не значи дека ИСИС е директно вклучен во производство и шверцот: нивниот модел за финансирање до сега бил даночење на транзитот на производи, и легални и нелегални, преку нивна територија, барајќи пари директно од самите шверцери."

Реитано и Фелбаб-Браун тврдат дека постојат докази од бегалци од Сирија и заробени или убиени борци на ИСИС, кои ја потврдуваат сторијата дека ИСИС на своите борци на фронтот им дава Каптагон. Имаше тврдења дека истата дрога била користена од напаѓачите во Париз, меѓутоа тоа излезе неточно.

Приказната за нарко-тероризмот се освежи наводно заради промена на кокаинската рута до Европа, која сега од Колумбија, преку Западна Африка и Сахара, води до брегот на Северна Африка, и од таму пристигнува на континентот. Ваквата рута инстантно значеше вклучување на Ал-Каеда во математиките кои наводно за висок профит го дозволуваат и помагаат шверцот на кокаин преку Северна Африка.

Прво студија на Кофи Анан Фондацијата околу поврзаноста меѓу шверцот и тероризмот во тој регион покажа дека "широко распространетите муабети за нарко-верига во тој дел од Африка се неточни," а потоа и од германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања објаснија дека: најголемиот дел од доказите по оваа основа може да бидат лесно поништени или се невозможни за верификување.

Реитано тврди дека иако има шверц на дрога во овој регион тоа во најголем дел е хашиш, а и она малку кокаин што од Колумбија влегувал преку земјите на брегот на Западна Африка, почнал да опаѓа по започнување на француските анти-терористички операции.

"Наместо во регионот да се следат претераните тврдења за нарко-тероризам, новиот тренд кој треба да се следи на овој простор се доказите за се поголемо производство на метамфетамин. Откриени се лаборатории и супер-лаборатории во Гана и Нигерија, а според шаблонот на заплена може исти такви да има и во Мали, и малку се знае за групите кои го контролираат ова," порачува Реитано.

Што се однесува до сториите дека Боко Харам е поврзан со колумбиските нарко-картели, и дека кај терористи од организацијата се најдени тешки дроги, реалноста е дека организацијата најголемиот дел од парите ги вади од грабежи на банки и рекетирање, а "тешките дроги" кои ги пријавуваат медиумите, најчесто е канабис за лична употреба.

Лошата страна на ширењето на наративот за нарко-тероризам е што тој не дозволува да се дојде до вистината за функционирањето на групи како ИСИС, што дополнително го спречува нивното поразување. Односно, "колку повеќе внимание се посвети на трговијата на дрога, толку повеќе се губи фокусот на борбата против подоходовните извори на приходи."

"Овие заблуди всушност и наштетуваат на борбата против тероризмот: заблудата дека ако ја спречиш трговијата со дрога ќе ги поразиш терористите. Нема еден пример што би го поддржал ова - без разлика дали е Перу, Колумбија, Кина, Бурма, Либан или Тајланд - бидејќи тие не се финансирани од дроги; или заблудата дека не можеш да преговараш со терористички групи бидејќи тие се криминалци без политичка агенда затоа што се вмешани во нарко-трговија," објаснува Фелбаб-Браун.

26 септември 2016 - 11:32