Од приватен вински подрум сместен на некои си 20 метри длабочина во катакомбите под француската престолнина, украдени се околу 300 шишиња старо вино во вредност од четвртина милион евра. (Што му доаѓа околу 830 евра од шише.)
Целиот грабеж е филмски разработен. Крадците ја идентификуваат локацијата на винскиот подрум (подземната мрежа има тунели во должина од 250 километри), наоѓаат начин да се шмугнат во катакомбите и од таму прават дупка во таванот на визбата. Нивната "берба" е составена од "grand cru" вина.
"Веруваме дека претходно имале неколку посети на визбата; осомничените не избрале по случајност да го пробијат конкретниот ѕид," изјавил портпаролот на париската полиција.
Самите катакомби навечер се комплетно затворени за јавноста, а и преку ден само околу 2 км од тунелите се достапни за посета и тоа исклучиво со туристички водич.