Во 2011 година запрел растот на животниот век во Европа

Не е ништо ново ако се каже дека лошите животни навики ни го скратуваат животот. Лошо е кога тоа ќе го потврдат научниците со податоци дека просечниот животен век во Европа престанал да се зголемува по 2011 година. Формулата за долговечност останува иста: помалку лоша исхрана, повеќе физички активности.

Фото: ЕПА

Животниот век на Европејците престанал да се зголемува во 2011 година, за што научниците ја префрлаат вината на лошата исхрана, физичката неактивноста и зголемувањето на телесната тежина.

Истражување спроведено од Универзитетот Ист Англија покажува дека порастот на просечниот животен век на луѓето од 20 земји во Европа почнал да забавува при крајот на минатиот век. Во периодот од 1990 до 2011 година тој се зголемувал за 0,23 години, а во периодот од 2011 до 2019 за 0,15 години.

Од сите земји опфатени во истражувањето, само во Норвешка не се намалил растот на животниот век. На другата страна е Англија, каде што порастот од 2011 до 2011 бил само 0,07 години.

Анализи покажуваат дека во периодот од 1990 до 2011 година просечниот животен век се зголемувал побрзо поради напредокот во медицината и поефикасното сузбивање на ризичните фактори за срцеви заболувања и канцер. Растот во следните осум години е запрен поради зголемениот број смртни случаи од срцеви болести, што се поклопува со зголемувањето на индексот на телесната тежина.

Научниците велат дека земјите со поцврсти политики за борба против обесноста и за поттикнување физички активности постигнале подобри резултати.

Заклучивме дека смртните случаи предизвикани од кардиоваскуларни болести биле главниот двигател за редукцијата на зголемувањето на животниот век од 2011 до 2019 година. Не чуди тоа што пандемијата на ковид била одговорна за падот на просечниот животен век во периодот од 2019 до 2021 година, објаснува Николас Стил од Медицинскиот факултет во Норич.

За време на пандемијата просечниот животен век се намалил во сите земји, освен во Белгија, Данска, Ирска, Исланд, Норвешка и Шведска. Падот бил најизразен во Грција и во Англија.

Графика: Еуростат

Стил додава дека животниот век на повозрасните луѓе во многу земји се подобрува, што покажува дека Европа „сè уште не го достигнала максимумот“.

Животниот век главно е одраз на смртноста на помала возраст, а на тоа поле имаме подобри резултати за намалување на опасните ризици и спречување прерани смртни случаи, вели Стил.

25 февруари 2025 - 11:04