Вирусот е сè подобар против маските

Најголемата американска генетска студија на коронавирусот изведена во Хјустон покажува дека во вториот бран доминира мутација со многу потенцијално битни но една сигурно битна особина: дека тој сега полесно се шири. Тоа значи дека вирусот се снаоѓа со бариерите од типот носење маски и миење раце.

Студијата од Хјустон сè уште не е рецензирана но се работи за респектабилен увид во преку 5.000 геномски секвенци на коронавирус. Накратко, сознанијата се дека акумулациите на неговите мутации го имаат направено позаразен но истовремено не се најдени индиции дека тој е и посмртоносен.

Генерално, коронавирусите како што е SARS-CoV-2 се релативно стабилни бидејќи во себе имаат вградено „лекторски“ механизам при секој копи/пејст. Но, секоја мутација е фрлање шеш-беш и не се знае во кој правец ќе тргне работата. А со ваква проширеност низ популацијата која во САД брои нови десетина илјади луѓе дневно, вирусот има бескрајно многу прилики да се промени. Некоја од тие промени може да биде страшно неубава. 

„Му имаме дадено многу шанси на овој вирус“, вели авторот на студијата, Џејмс Масер, мислејќи на огромната популација на заразени во која вирусот ги пробува своите варијации.

„Не треба да се претерува со интерпретирање на резултатите, но јасно е дека вирусот реагира на пречките на кои наидува. Маските и миењето раце се добри бариери, но статистички, вирусот станува сè подобар во заобиколување на тие бариери.“, вели Масер кој му е битен советник на Ентони Фаучи.

Хјустонската студија има импликации и врз идната вакцина бидејќи покажува дека како што луѓето ќе добиваат имунитет, или преку прележување на болеста или преку вакцина, вирусот ќе има сè поголеми причини да мутира во правец да го избегнува постоечкиот имуно одговор.

„Не знаеме со сигурност, но ако тоа се случи, ќе имаме ситуација како со грипот. Ќе мораме да го бркаме вирусот и постојано да ја поправаме вакцината,“ вели тој.

25 септември 2020 - 12:06